Диего Марадона Помладиот, син на починатата аргентинска легенда Диего Марадона, го опиша полуфиналниот натпревар на Светското првенство против Англија во среда како „посебен настан“ за своите сонародници, а никако како „обичен натпревар“.
Актуелниот светски шампион Аргентина во среда од 21 часот по македонско време, во Атланта, ќе се обиде да направи уште еден чекор кон освојување на својата четврта светска титула. На спротивната страна ќе биде селекцијата на Англија, која се надева дека точно 60 години подоцна ќе ја освои својата втора светска титула.
„Мојот татко никогаш не би го гледал ова како обичен натпревар, како само уште еден меч. Можеме да кажеме многу работи, но ова не беше, ниту ќе биде обичен натпревар“, изјави синот на Марадона за шпанскиот весник „Marca“.

Марадона Помладиот се осврна и на долгогодишното и жестоко ривалство меѓу Аргентина и Англија, кое, како што истакна, одамна ги надминало рамките на спортот.
Повеќе детали за оваа тема можете да прочитате во посебен текст.

„За сите Аргентинци и за сите навивачи на Марадона, ова ќе биде посебен настан. Тоа е натпревар што ќе нè потсети на сè што е поврзано со Малвините и на сите наши браќа кои таму ги загубија животите, а потоа и на сè што му се случи на мојот татко во 1986 година. Мојот татко победи во историски натпревар и оттогаш ништо повеќе не беше нормално кога играме против Англија.“
Аргентина и Англија последен пат се сретнаа во 2005 година, кога „Гордиот Албион“ славеше со 3:2 во пријателски натпревар.

„Ова никогаш нема да биде обичен натпревар, а овој особено ќе биде многу тежок за нашата репрезентација. Точно е дека Англија игра добро, но нека не заборават дека ќе мора да се соочат и да ги победат актуелните светски шампиони. Ќе биде тешко и за двата тима.“
Диего Марадона Помладиот не крие дека има огромна почит и љубов кон Лионел Меси, кој, според него, на теренот оди по стапките на неговиот татко.

„Вистината е дека никогаш не сум имал можност лично да го запознаам Меси, но го носам во срцето, како и сите Аргентинци. Тој заслужува повторно да ја освои титулата. Лео е најдобриот меѓу луѓето … затоа што мојот татко не може да се споредува со никого на оваа планета – тој беше вонземјанин на фудбалот. Но, Лео заслужува сè. Имам огромна љубов кон него, тој е капитен на мојата репрезентација. Неизмерно го почитувам и се надевам дека Бог ќе му даде можност да одигра уште едно финале … и, се разбира, да го освои.“










