Мистерија од дното на Атлантикот: Како шишињата шампањ го преживеале потонувањето на Титаник

Точка

14/07/2026

16:36

447

Големина на фонт

а а а

На длабочина од 3.800 метри, под притисок што би ја смачкал и најсовремената технологија, лежат неоштетени стаклени шишиња шампањ „Heidsieck & Co. Monopole 1907“, кој се служел на Титаник. Нивната зачуваност повеќе од еден век не е прашање на среќа, туку вистинска лекција по физика.

Титаник, брод кој бил далеку пред своето време, потонал на 15 април 1912 година во ледените води на Атлантскиот Океан. Еден детаљ и денес ги интригира научниците и историчарите – стаклените шишиња шампањ кои, повеќе од еден век по потонувањето, останале целосно неоштетени на дното на океанот, пренесува РТС.

Дебатата меѓу историчарите и научниците повторно се разгоре по трагедијата со експерименталната подморница „Titan“ на компанијата „OceanGate“, која на 18 јуни 2023 година доживеа катастрофална имплозија за време на нуркање кон остатоците од Титаник. Трагедијата повторно го отвори прашањето што со децении ги фасцинира научниците и историчарите.

Како е можно високотехнолошко пловило, проектирано за екстремни длабочини, да се распадне за миг, додека кревките стаклени шишиња од 1912 година останале неоштетени на дното на океанот? Тие и денес лежат на длабочина од речиси четири километри, под незамислив притисок од околу 381 бар, што е еднакво на тежината на неколку десетици авиони распределена на површината на едно шише. Одговорот се крие во суптилната рамнотежа меѓу внатрешниот и надворешниот притисок, како и во неочекуваниот херој на оваа приказна – плутениот чеп.

Играта на притисокот и физиката

За да разбереме како шишињата успеале да го избегнат уништувањето, најпрво мора да ја разбереме силата што им се заканувала – имплозијата.

До имплозија доаѓа кога надворешниот притисок врз некој објект е значително поголем од внатрешниот, поради што неговата структура се урива навнатре во обид да се изедначат притисоците. Токму тоа им се случило на делови од трупот на Титаник во кои останал заробен воздух. Како што тонеа кон сè поголеми длабочини, надворешниот притисок на водата станувал толку голем што на крајот целосно ја смачкал нивната конструкција.

Шишињата шампањ, сепак, имале една клучна предност. Јаглерод диоксидот во нив создава притисок од околу шест бари, што е приближно шест пати повеќе од атмосферскиот притисок. Современите шишиња се дизајнирани да издржат притисок и до 20 бари. Токму тој внатрешен притисок им обезбедил почетна заштита во првиот дел од потонувањето, сè додека надворешниот притисок не достигнал приближно иста вредност.

Но, што се случувало при понатамошното спуштање кон дното?


Клучната улога на плутениот чеп

На длабочина од 3.800 метри, притисокот достигнува вредност што ниту едно стаклено шише, без оглед на дебелината на стаклото, не би можело самостојно да ја издржи. Дури и ако стаклото по некое чудо останело цело, чепот би бил турнат навнатре во шишето под дејство на огромната сила.

Токму тука започнува најважниот процес – постепеното изедначување на притисокот. Научниците сметаат дека, додека бродот тонел, сè поголемиот притисок на водата постепено ги компресирал плутените чепови.

Бидејќи плутата не е целосно непропустлива, морската вода полека навлегувала во шишињата. Овој процес се одвивал доволно бавно за внатрешниот притисок постепено да се зголемува, сè додека не се изедначил со надворешниот притисок.

Благодарение на тоа, стаклото никогаш не било изложено на нагла и голема разлика во притисокот што би предизвикала имплозија. Водата во внатрешноста на шишето на крајот вршела ист притисок врз неговите ѕидови како и водата однадвор, со што шишето останало целосно неоштетено.


Иако е малку веројатно дека содржината на шишињата од Титаник денес би била погодна за пиење поради навлегувањето на солена вода, слични случаи нудат увид во тоа каков можел да биде вкусот.

Во 1998 година, од потонатиот шведски товарен брод, кој потонал во 1916 година во Балтичкото Море, биле извадени околу две илјади шишиња шампањ „Heidsieck & Co. Monopole“ од бербата 1907 година – истата марка и иста берба што се наоѓала и на Титаник.

По 82 години поминати во речиси идентични услови на темнина и ниска температура, експертите го опишале шампањот како пијалак со „импресивна рамнотежа и прекрасна златна нијанса“, при што меурчињата сè уште биле зачувани.

Се чини дека морското дно, барем теоретски, обезбедува речиси идеални услови за созревање на виното. Така, остатоците на Титаник, трагичен споменик на една ера, станаа и најнеобичната винска визба во светот, чувајќи приказна не само за човечките судбини, туку и за тивкиот триумф на физиката над силите на природата.