„Буквално возев низ оган“: Драматични признанија на жители евакуирани во Шпанија поради шумски пожар

Макфакс

13/07/2026

11:50

219

Големина на фонт

а а а

Стотици пожарникари и вооружени сили се борат со шумските пожари во југоисточна Шпанија, каде што досега загинаа 12 луѓе. Жителите, евакуирани поради екстремните услови, споделуваат драматични искуства за бегството низ оган, додека регионот доживува рекордна топлина и продолжен топлотен бран.

Стотици пожарникари во Шпанија сè уште се обидуваат да ги изгаснат преостанатите жаришта на југоистокот од земјата, по шумските пожари во кои досега загинаа 12 лица. Локалните власти во областа Лос Галјардос предупредија дека бројот на жртви може да се зголеми. Армијата користеше беспилотни летала и 32 авиони за да ги искористи подобрите временски услови, поради што погодената област остана на 6.600 хектари. Андалузиската влада одобри враќање на повеќе од 600 жители од 1.400 луѓе кои беа евакуирани претходно. Екстремно високите температури, сувото земјиште и силниот ветер придонесоа пожарот да се прошири многу брзо.

Трогателните искази на евакуираните жители ги опишуваат драматичните моменти кога шумски пожар зафати изолирана заедница на доселеници на југот на Шпанија.

Пожарот избувна во близина на планински венец во покраината Алмерија, а Британецот Џефри Кембер рече дека едвај успеал да избега.

„Сопругата влезе во својот автомобил, јас во мојот. Исто така, се обидувавме да ѝ помогнеме на соседката која беше на одмор со пријателка со две мали бебиња. Во еден момент се разделивме, таа отиде на едната страна без својот телефон. Мислев дека веројатно отишла во друго село, Албарико. Тргнав оттаму, поминав низ Лос Пинос и продолжив. Возев директно низ пламенот, буквално низ огнот. Помислив: Не можам да застанам, само треба да продолжам“, рече тој.

Јавните служби велат дека повеќето од мртвите починале откако не ги послушале упатствата да останат во своите домови, додека за многумина бегството преку сувото речно корито било смртоносна стапица.

„Спиев во фотелјата до вентилаторот, загрижен дека чадот нема случајно да влезе во куќата. За среќа, тоа не се случи. Излегував надвор секој час за да проверам дали пожарот се приближува или оди кон планината. Бев на должност до четири часот наутро, и дури тогаш заспав. Така беше претходните две ноќи“, рече Мигел Паљот, жител на Бедар.

Рекордна топлина

Во јуни, Шпанија доживеа неколку дена рекордна топлина, а се проценува дека повеќе од 1.000 дополнителни смртни случаи се поврзани со екстремни температури.

Делови од Западна Европа моментално минуваат низ својот трет топлотен бран за само шест недели.