Ѓорѓиевски: Трајно се санира големиот дефект на булеварот „Борис Трајковски“, по три години привремени решенија

Макфакс

12/07/2026

15:31

251

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави трајна санација на дефект на водоводна цевка на булеварот „Борис Трајковски“, кој претходно беше решаван со привремени интервенции во последните три години, со што се обезбедува долгорочно решение за проблемот.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека екипите на ЈП „Водовод и канализација“ започнале со санација на дефект на водоводна цевка на булеварот „Борис Трајковски“, во близина на бензинската станица „Лукоил“.

Станува збор за оштетување на водоводна цевка Ф600, кое настанало при градежни активности пред три години. Ѓорѓиевски наведува дека досега дефектот бил решаван со привремени интервенции, поради што проблемот повторно се појавувал.

„Со денешниот зафат се врши целосна замена на оштетениот дел од цевката во должина од пет метри, со што конечно се обезбедува сигурно, квалитетно и долгорочно решение, пред изградбата на булеварот „Борис Трајковски”. Им благодариме на граѓаните за трпението и разбирањето во текот на интервенцијата“, напиша градоначалникот на ФБ.

Според Ѓорѓиевски, санацијата е значајна за жителите на Пинтија, Усје, Долно Лисиче, Драчево, Батинци, Студеничани и Зелениково, кои во изминатиот период биле засегнати од проблемот.