Кузеска: Мицкоски призна дека тој и неговата криминална организација ВМРО не сакаат Македонија да биде членка на Европската Унија

Макфакс

12/07/2026

12:43

203

Големина на фонт

а а а

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска остро ги критикуваше Христијан Мицкоски и неговата партија ВМРО, обвинувајќи ги дека ја спречуваат Македонија да стане членка на Европската Унија и ја одложуваат европската интеграција поради опасностите за нивните криминални интереси.

Христијан Мицкоски вчера потврди дека е подготвен да ја жртвува Македонија, и кажа збогум на Европа и порача дека ќе чека покана“, кажа денеска на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Таа оцени дека наместо напредок кон Европската Унија, земјата, според неа, ќе остане да чека додека другите држави од регионот продолжуваат напред. Обвини дека причината за таквата политика не е недоверба кон европските вредности, туку страв од реформите што ги носи членството во ЕУ.

„Мицкоски призна дека тој и неговата криминална организација ВМРО, не сакаат Македонија да биде членка на Европската Унија. Не затоа што не веруваат во Европа, туку затоа што се плашат од тоа што Европа го носи: независно судство, европско јавно обвинителство и одговорност за сите оние што ја ограбиле и ја уништиле државата. Од тоа се плаши Мицкоски. Нема да може повеќе да мести партиски тендери, милионски зделки со блиски фирми, злоупотреба на буџетските пари – нема да можат да крадат народни пари. За жал, цената за неговото заложништво ја плаќаат сите граѓани а најмногу младите кои ќе продолжат да се иселуваат. Мицкоски дојде на власт со лаги. Лажеше за името, за Преспанскиот договор, за националните интереси. Денес е јасно дека сите тие лаги беа само средство за доаѓање на власт. Кога дојде време да се направат реални реформи, тој се повлече и почна да бара изговори. Македонскиот народ јасно кажа што сака. Сака Европа. Сака правда. Сака да живее во нормална, достоинствена европска држава“, истакна Кузеска.

Според неа, граѓаните сакаат членство во Европската Унија бидејќи тоа значи подобар животен стандард, посилна економија, странски инвестиции, пристап до европскиот пазар и развојни можности за младите.

„Европа значи квалитетно европско образование, развојни програми за студентите и реални можности да напредуваат дома, а не да купуваат карта во еден правец. Европа значи пристап со развојни фондови, наместо задолжувања. А за Владата на Мицкоски Европа значи крај на криминалните тендери и крај на неказнивоста и одговорност а одговорност е токму она од кое тие бегаат.Додека може да се задолжува и додека има пари во буџетот, Мицкоски ќе продолжи да ја држи Македонија во изолација. Но кога ќе му се затвори тој простор, ќе се појават нови изговори за предвремени избори, затоа што нема пари. Мицкоски трага по алиби. Потребно му е за да продолжи со своите лаги. Не може да признае дека ја уништил економијата на земјата. Не може да признае дека нема излез, па ќе се врати на старата националистичка кампања за „патриоти“ и „предавници“. Само што овој пат народот знае, воопшто не е наивен“, рече Кузеска.