[ФОТО] Џакузи на тераса и панорамски поглед кон Скопје: Становите на Никола Груевски повторно на продажба, државата очекува приход од најмалку 2,46 милиони евра

Точка

11/07/2026

15:07

1.654

Големина на фонт

а а а

Три луксузни апартмани во комплексот „Панорама резиденс“, во сопственост на поранешниот премиер Никола Груевски, кои беа конфискувани во случајот „Плацеви на Водно“, повторно се понудени на продажба.

Откако претходните обиди за продажба на два од становите не резултираа со купувач, Агенцијата за управување со одземен имот повторно организира јавно наддавање, со вкупна почетна вредност од најмалку 2,46 милиони евра.

Заинтересираните купувачи ќе можат да ги разгледаат апартманите на 16 јули, додека јавното наддавање е закажано за 29 јули.


Фотографиите објавени од Агенцијата за управување со одземен имот прикажуваат луксузно уредени апартмани со пространи дневни соби, големи тераси, квалитетна опрема, џакузи и панорамски поглед кон Скопје.

Два од апартманите имаат станбена површина од околу 200 квадратни метри, како и тераси од нешто помалку од 50 квадратни метри. Нивната почетна цена изнесува по 850.000 евра, односно околу 4.250 евра за квадратен метар станбена површина, без во пресметката да биде вклучена површината на терасите.


Третиот апартман е помал, со станбена површина од околу 150 квадратни метри, но располага со пространа тераса од 95 квадратни метри. Неговата почетна цена е 760.000 евра.


За разлика од двата стана кои и претходно беа понудени на продажба, но не беше пронајден купувач, пред околу една година државата успешно продаде два други стана на поранешниот премиер Никола Груевски на улицата „Бихаќка“ во центарот на Скопје.


Недвижностите беа конфискувани по правосилната пресуда во предметот „Плацеви на Водно“, во кој поранешниот премиер беше осуден на девет години затвор. Според пресудата, тој незаконски присвоил околу 1,3 милиони евра од партиски донации на ВМРО-ДПМНЕ и ги искористил за купување земјиште и изградба на недвижности.


Груевски во меѓувреме сè уште се наоѓа во Унгарија, каде што избега во 2018 година, а постапката за негова екстрадиција сè уште не е завршена.