Трипати се онесвести, раскажува сопругата на Србинот кој висеше од прозорец на авионот

Макфакс

11/07/2026

10:39

550

Големина на фонт

а а а

Статистика за инцидентот на лет од Солун до Минхен кога српски патник бил повлечен надвор од авионот поради дефект на моторот и оштетување на прозорецот, а благодарение на брзата реакција на патниците, тој преживеа.

„Мојот сопруг седеше до прозорецот. Беше врзан со безбедносен појас, но половина од неговото тело заврши надвор од авионот. Маските за кислород паднаа, никој не знаеше што да прави. Сите плачеа. Мојот сопруг трипати се онесвести“, раскажа сопругата на 61-годишниот српски државјанин кој преживеа хорор во авион на летот од Солун кон Минхен.

Инцидентот се случил откако во текот на летот дошло до дефект на моторот на авионот на компанијата Рајанер, при што делови од моторот го оштетиле еден од прозорците во патничката кабина.

Поради наглата декомпресија, патникот кој седел веднаш до оштетениот прозорец бил повлечен кон надвор, а горниот дел од неговото тело завршил надвор од авионот.

Патниците се бореле да го спасат

Според сведоштвото на неговата сопруга, брзата реакција на неа и на уште двајца патници му го спасила животот.

„Ние две го држевме, а потоа ни се придружи господин од редот до нас. Заедно го влечевме за рака назад во авионот, додека половина од неговото тело беше надвор“, раскажа таа.

Додаде дека сè се случило за само неколку секунди.

„Прозорецот пукна во текот на летот и поради разликата во притисокот половина од неговото тело заврши надвор од авионот. Сè леташе низ кабината“, изјави сопругата.

Патниците мислеле дека авионот паѓа

„Недолго по полетувањето почувствувавме силен потрес, а потоа се слушна многу гласен удар. Сите се исплашивме. Веднаш паднаа маските за кислород, а се чувствуваше мирис на горење“, раскажува една од патничките. Вели дека во првиот момент сите помислиле дека се случила експлозија.

„Човекот што седеше до прозорецот беше повлечен нанадвор од силата на декомпресијата. Беше во животна опасност“, изјави таа.

Според сведоштвата, главата на 61-годишникот била повредена од парчињата стакло што се распрснале при пукањето на прозорецот. Некои патници дури ги откопчале своите појаси и станале од местата за да помогнат.

Авионот принудно слетал во Солун

Пилотот веднаш постапил според процедурите и побарал дозвола за принудно слетување на аеродромот „Македонија“ во Солун.

Авионот безбедно слетал, а патниците биле евакуирани. Повредениот патник, како и луѓето кои му помогнале, биле пренесени во болница.

Компанијата Рајанер соопшти дека за време на летот дошло до одвојување на дел од прозорецот во патничката кабина.

„Авионот безбедно слетал, а патниците биле вратени во терминалот. Еден патник побарал и добил медицинска помош. За да се намали доцнењето, обезбеден е друг авион кој ги превезе патниците до Меминген“, соопшти компанијата.

61-годишниот српски државјанин и понатаму се наоѓа во болница, додека истрагата за причините за дефектот на авионот продолжува.