[ФОТО] Вандалски чин во Кисела Вода: Непознат сторител ги полеал со моторно масло сите реквизити на детско игралиште, граѓаните револтирани

Точка

10/07/2026

17:53

450

Големина на фонт

а а а

Непознат сторител ги полеал со моторно масло детските реквизити и клупите на игралиштето на улицата „Ѓорѓи Сугаре“ во скопската населба Кисела Вода, во близина на основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“.

За случајот кој предизвика револт кај граѓаните прва информираше скопјанка во Фејсбук-групата „Кисела Вода – Пријави Проблем“, каде објави фотографии од оштетеното игралиште и остро го осуди вандалскиот чин.


„Вака јавно да го прашам тој што детските реквизити ги истури со уље во паркчето каде што дечињата од најмали до најголеми се радуваат, дали сега помирно ќе спиеш, дали совеста ќе те копка? Не бе другари, не е до државата, не е до општината, до нас е. И после зошто младите не раѓале, зошто си заминувале од државата. Од вакви покондурени како тебе! Лизгалките се наоѓаат на ул. „Ѓорѓи Сугаре“, веднаш до зградата „Дабар“. Се надевам дека некој ќе преземе нешто и ќе ги врати во првобитна состојба“, напиша таа во својата објава.


Од фотографиите може да се забележи дека, покрај лизгалките и другите детски реквизити, со масло се испрскани и клупите поставени во игралиштето, поради што просторот во моментов е небезбеден за користење.

Жителите на населбата бараат надлежните служби што поскоро да го исчистат игралиштето и да утврдат кој стои зад овој вандалски чин, со цел сторителот да биде соодветно санкциониран.


Ова е уште еден во низата напади врз урбаната опрема во Скопје во изминатите месеци. Јавноста претходно беше сведок на повеќе случаи на уништени детски игралишта, а во дел од нив како сторители беа идентификувани малолетници.