Ако погледнете на дното од старите гардеробери на вашите мајки или баби, големи се шансите да наидете на едно нежно, заводливо парче облека што совршено прилега на телото, а кое денес речиси целосно исчезна.
Иако денешните генерации девојки повеќе го немаат во своите гардеробери, некогаш тоа беше апсолутен моден императив и најмоќниот таен сојузник на женската елеганција.

Сè до средината на 1980-тите, ова парче облека беше многу распространето меѓу Југословенките, кои го поседуваа во различни бои, без оглед на нивната финансиска состојба.
Поситуираните жени купуваа модели од свила, додека останатите се одлучуваа за оние изработени од синтетички материјали. Не беше невообичаено дамите да имаат повеќе од едно вакво парче облека – додека едното се носело, другото се сушело на жица.
Станува збор, секако, за комбине – вид долна облека во форма на лесен фустан без ракави, кој секогаш се носеше под главниот фустан.

Кон крајот на осумдесеттите години, комбинето постепено почна да исчезнува од секојдневната употреба. Жените почнаа да го доживуваат како непотребно парче облека што создава дополнителен трошок, а ја губи својата практична вредност.
Сепак, дотогаш имаше многу важна улога. Се сметаше дека неговата хигиенска функција помага облеката подолго да остане свежа и чиста, односно главната гардероба да не мора толку често да се пере.

Жената што го носела не морала да се грижи дали фустанот или здолништето ѝ се премногу проѕирни, ниту дали под облеката ќе се оцртува телото.
Со оглед на тоа што многу од тогашните здолништа и фустани беа изработени од синтетички материјали, комбинето беше идеално решение што спречуваше ткаенината непријатно да се лепи за нозете.