[ВИДЕО] Две лица загинаа во силното невреме што го погоди Балтикот, над половина милион домаќинства без струја

Макфакс

23/08/2026

11:37

233

Големина на фонт

а а а

Силно невреме со поројни дождови го погоди Балтичкиот регион, предизвикувајќи загуба на животи и прекини на електричната енергија во стотици илјади домаќинства во Литванија и Латвија.

Најмалку две лица загинаа, а стотици илјади домаќинства останаа без електрична енергија откако силно невреме проследено со поројни дождови го погоди Балтичкиот регион.

Во Литванија, спасувачките екипи го извлекле телото на маж под паднато дрво во селото Мазионис. Втор маж загинал откако врз него паднале делови од зграда во латвискиот град Јелгава. Неколку лица се повредени и хоспитализирани.

Повеќе од 250.000 домаќинства во Литванија привремено останале без струја, соопшти националниот оператор. Сличен број домаќинства бил погоден и во соседна Латвија.

Силниот ветер, со удари до 30 метри во секунда, соборувал дрвја и далноводи, предизвикувајќи сериозни проблеми во снабдувањето со електрична енергија.

„Ова дефинитивно е најлошото невреме што сме го забележале ова лето“, изјавил метеоролог од литванската метеоролошка служба за националното радио.

Во Латвија, новинската агенција ЛЕТА, повикувајќи се на метеоролошки податоци, го опиша невремето како најразорно што ја погодило земјата од 2005 година.

Обилните врнежи предизвикале и поплави во повеќе региони. Поради невремето бил нарушен патниот, железничкиот, воздушниот и бродскиот сообраќај.

Властите во Литванија и Латвија претходно издале предупредувања за невремето. Силниот ветер и дождовите започнале во саботата, а лошото време се очекува да продолжи и во текот на недела.