Пукна „гладијаторската бомба“: Талески повторно ќе биде дел од македонската Суперлига

Дерби

09/07/2026

12:55

239

Големина на фонт

а а а

Охрид го запиша најголемиот успех во својата историја со освоената европска титула во ЕХФ Купот, но амбициите на суперлигашот не завршуваат тука и целта е проектот да добие уште поголема димензија во сезоната која претстои.

Најдобар доказ за тоа се потезите кои се влечат уште во раната фаза од летото, па откако веќе беа договорени и претставени седум големи летни засилувања, се чини дека ова попладне пукна најголемата „бомба“.

Охрид соопшти дека Филип Талески во иднина ќе го носи дресот на „гладијаторите“ и ќе биде дел од екипата на Борис Ројевиќ, потег кој означува нов кам-бек за извонредниот бек во македонската Суперлига.

– Филип Талески е осмото официјално засилување на ГРК Охрид за наредната сезона! Македонскиот лев бек потпиша договор со ГРК за 2026/2027 со можност за продолжување за 2027/2028. Има 30 години (202 cm) и ќе го носи дресот со број 28. Талески доаѓа од екипата на Татабања, Унгарија. Потекнува од школата на Металург, а рано замина во бундеслигашот Рајн Некар Левен (освои бундеслигашка титула), а во Германија играше и за Балинген. Пред тоа играше за РК Вардар 1961 и Бенфика (Португалија), – гласи објавата на Охрид, во која е проследена и првата изјава на Талески.

– Потписот за ГРК Охрид за мене претставува нов, голем предизвик и исклучително мотивирачки проект. Клубот покажа огромна желба, сериозна визија и амбиција кои целосно се поклопуваат со моите лични и спортски цели. Среќен сум што ќе го носам дресот на Охрид, клуб кој незапирливо расте и има фантастична публика. Охрид заслужува големи ракометни успеси, а јас сум тука да го дадам својот максимум на секој натпревар за да ги оствариме зацртаните цели на клубот како во домашното првенство, така и на меѓународна сцена, – изјави Филип Талески.