[ВИДЕО] Македонија во „очите“ на една Иранка - издвои 5 работи кои најдобро ја отсликуваат нашата татковина: „Не кажувајте Северна Македонија...“

Точка

08/07/2026

20:16

729

Големина на фонт

а а а

Македонија во последните години сè почесто го привлекува вниманието на туристите од различни делови на светот, а природните убавини, богатото културно наследство и гостопримството на локалното население ја позиционираат како сè попосакувана туристичка дестинација

Од Скопје и Охрид, преку Кањонот Матка и Маврово, па сè до бројните помали места, земјава секоја година ја посетуваат илјадници странски патници кои своите впечатоци ги споделуваат со милиони следбеници на социјалните мрежи.

Една од нив е и млада патничка од Иран, која на Инстаграм е препознатлива по своите соло авантури низ светот. На својот профил редовно објавува видеа во кои ги документира искуствата од земјите што ги посетува, откривајќи интересни локални обичаи, културни разлики и моменти што најмногу ѝ оставиле впечаток.


По посетата на Македонија, таа објави видео со наслов: „5 работи што ме научија локалците во Македонија – а се прашувам дали и вие би згрешиле кај број 5“, кое за кратко време привлече големо внимание кај нејзините следбеници.

Во видеото таа издвојува пет работи што, според неа, најдобро ја отсликуваат секојдневната култура, навиките и менталитетот на Македонците. Зборува за гестови, непишани правила, односот кон гостите и животниот стил, признавајќи дека токму локалците ѝ помогнале подобро да ја запознае земјата и да ги разбере особеностите кои не можат да се најдат во туристичките водичи.


Нејзините впечатоци уште еднаш покажуваат дека токму искрените искуства на странските патници се најдобрата промоција за Македонија, која сè почесто се наоѓа на листата на дестинации што вреди да се посетат.

Балканскиот појадок има свои правила

Цигари, кафе и долг разговор. Тоа е помалку појадок, а повеќе ритуал. Добро, да се задржиме на кафето. Тоа никогаш не трае само 10 минути.

Долги кафе-средби

Кога некој ќе дојде на гости, се пие кафе. Но, тоа не е „кафе за носење“. Седнувате, разговарате, се смеете, дебатирате... и пред да сфатите, еден час станал три.


Семејството и корените значат сè

Мислам дека ова важи за речиси сите балкански земји. Луѓето овде се исклучително горди на своето семејство и своите корени. Со гордост зборуваат за своите најблиски, за татковината и за историјата на својата земја. И искрено, тоа е нешто со кое навистина треба да се гордеат.

Луѓето овде се директни – но на најубав можен начин

Луѓето во Македонија се многу директни, но тоа го прават со топлина и добра намера. Нема лажна учтивост, ниту вртење околу темата. Од друга страна, нема ни потреба да се прашувате што навистина мислат – тие ќе ви кажат искрено како се чувствуваат.


И еве каде и што јас згрешив - Не си играјте со името на државата

Не кажувајте „Северна Македонија“ ако не сакате половина држава да ве гледа накриво. Иако промената на името се случи пред неколку години, ова прашање и понатаму е политички и историски многу чувствително. Затоа, најдобро е да слушнете како самите луѓе ја нарекуваат својата земја и да го следите тоа.

На крајот од видеото, таа им се обрати и на своите следбеници со прашањето:

„Ајде сега вие – што би додале на оваа листа?“.