Фотографиите од една несекојдневна прослава ги обиколија социјалните мрежи и предизвикаа бурни реакции ширум светот. Родители одлучиле на раскошен начин да го одбележат моментот кога на нивното бебе му никнало првото запче, а луксузната организација и богатата декорација ја поделија јавноста.
Додека едни сметаат дека секоја можност за славење заслужува внимание, други тврдат дека некои родители, во желбата да споделат совршени фотографии на социјалните мрежи, отишле предалеку. Прославата по повод никнувањето на првото запче на нивното бебе целосно ја подели јавноста.
Фотографиите објавени на Инстаграм прикажуваат внимателно осмислен амбиент со раскошни сини цветни аранжмани и персонализиран натпис „Првото запче на Џејкоб“.
За декорацијата била задолжена цвеќарка од Сиднеј, која истакнала дека ѝ било големо задоволство да учествува во реализацијата на овој несекојдневен настан.

„Верувам дека секој важен момент во животот заслужува да биде одбележан, без оглед на тоа колку некому му изгледа безначаен. Луѓето сакаат прослави во чест на своите најблиски и не гледам ништо лошо во тоа“, рекла таа.
Додала дека многу родители едноставно сакаат нивните деца да растат опкружени со љубов и убави спомени.
„Ми беше чест да придонесам овој момент да биде посебен“, истакнала таа.
Иако признава дека досега не учествувала во организација на прослава по повод никнувањето на првото запче, вели дека не очекувала фотографиите да предизвикаат толкаво внимание на социјалните мрежи.
Откако фотографиите станале вирални, следела лавина реакции на социјалните мрежи.
Многу корисници сметаат дека родителите почнале да претеруваат со организирањето раскошни прослави за речиси секој важен момент во животот на детето.

„Ова е целосно бесмислено“, напишал еден корисник.
Други оцениле дека „Инстаграм мајките ја изгубиле мерката“ и дека сè повеќе внимание се посветува на тоа како некој настан ќе изгледа на социјалните мрежи, наместо на самиот семеен момент.
Некои коментатори истакнале дека ваквите објави создаваат дополнителен притисок врз родителите.
„Живееме во време кога сè мора да изгледа совршено поради Инстаграм, наместо едноставно да уживаме во моментот“, гласел еден од коментарите.
Имало и такви кои сметаат дека децата сè почесто се користат како содржина за социјалните мрежи и собирање лајкови.

Од друга страна, голем број корисници на социјалните мрежи сметаат дека во ваквите прослави нема ништо спорно.
„Животот е прекраток за да не ги славиме убавите моменти“, напишала една корисничка,а друга порачала дека едвај го чека денот кога и самата на своето дете ќе му приреди слична прослава.