[ВИДЕО] СЗО: Нов топлотен бран веќе се формира над Атлантикот, Европа повторно ќе се соочи со екстремни горештини

Точка

07/07/2026

21:15

617

Големина на фонт

а а а

„Нов топлотен бран веќе се формира над Атлантскиот Океан. Според прогнозите, во Португалија и јужна Шпанија температурите оваа недела ќе достигнат 43°C. Франција и земјите од Бенелукс се подготвуваат за нов топлотен удар, додека делови од Централна Азија веќе се соочуваат со температури над 40°C“, драматично предупреди регионалниот директор на Светската здравствена организација („WHO“) за Европа, д-р Ханс Хенри П. Клуге.

Поради оваа итна и сериозна ситуација, првиот човек на СЗО за Европа свика вонреден состанок на кој учествуваа претставници на 41 земја-членка, Европската комисија и граѓански организации. Според Клуге, повеќе од 130 учесници се јасен знак дека државите конечно почнуваат екстремните горештини да ги третираат како вонредна јавно-здравствена криза, а не само како обична временска прогноза.

Прашањето било директно: Што научивме од досегашните топлотни бранови и дали сме подготвени за она што допрва доаѓа?


Плановите спасуваат животи, но половина Европа воопшто ги нема

„Одговорите на државите покажаа реален напредок, но и пропусти што едноставно не смееме да си ги дозволиме. Националните акциски планови за заштита од горештини буквално спасуваат животи. Земјите што ги имаат реагираа брзо и координирано“, истакна Клуге.

Како примери ги наведе Италија, која преку следење на смртноста во 45 градови добива податоци во реално време, Шпанија, која тесно соработува со медиумите при информирањето за ризиците, како и Австрија, Белгија и Франција, кои успешно го намалиле притисокот врз здравствениот систем.


Сепак, Клуге предупреди на загрижувачки факт, кој според него е најголемиот пропуст.

„Најалармантно е тоа што ниту половина од земјите во европскиот регион немаат национален акциски план за заштита на здравјето од екстремни горештини. Голем број луѓе сè уште не сфаќаат дека лично се изложени на ризик, дури и кога е активиран црвен аларм. Државите пријавија дека немаат доволно климатизирани јавни засолништа, а сериозен проблем претставува и бавната бирократија – во некои земји прогласувањето топлотен бран доцни поради административни процедури, што значително ја забавува реакцијата на здравствените служби“, предупреди директорот на СЗО.


„Екстремните горештини се безбедносна закана, а не проблем на само еден сектор“

Клуге нагласи дека низ цела Европа, домовите за стари лица, бездомниците и социјално изолираните граѓани и понатаму редовно остануваат надвор од дофатот на помошта, поради што здравствената инфраструктура мора да стане поотпорна на климатските промени.

Сепак, тој истакна дека состанокот покажал и еден важен позитивен исчекор – државите конечно почнале да ги поврзуваат службите за итни случаи, урбанистите и министерствата за здравство и животна средина.


„Токму оваа координација во рамките на владите – изградена врз заедничкото признание дека екстремните горештини претставуваат закана за здравствената безбедност, а не проблем на само еден сектор – е една од најважните промени што ги видовме. СЗО сега ќе ги собере сите научени лекции и ќе им ги стави на располагање на сите 53 земји-членки, а подготвени сме да обезбедиме и директна техничка поддршка за сите што сакаат да ги зајакнат своите системи“, изјави Клуге.

„Сега работиме на два фронта: мораме итно да го поправиме она што потфрли во изминатите недели пред да пристигне новиот топлотен бран, но истовремено мораме да изградиме здравствени системи што долгорочно ќе бидат подготвени за сè почестите екстремни горештини“, заклучи тој.