Статијата ги прикажува обвиненијата кон Андреј Петров како клучен фактор во најголемата изборна катастрофа на СДСМ на последните избори и дебатата околу неговата улога и иницијативите за реформи во партијата.
Андреј Петров е човекот кој ја предводеше најголемата изборна катастрофа во СДСМ, велат од оваа партија.
„Во емисијата „Во Центар“, Андреј Петров, еден од главните промотори на иницијативата за „реформи“ во СДСМ (Платформа за иднина на Мицкоски – ЗНАМ 2.0), сам се разоткри.
Тој беше шеф на изборниот штаб во Првата изборна единица на последните парламентарни избори во 2024 година – единицата во која СДСМ постигна историски најлош резултат, освојувајќи само тројца пратеници.
Сега, истиот тој човек излегува и вели дека СДСМ е во „финале на едно фијаско“ и дека „ниедна добра програма не може да победи катастрофално владеење“.
Прашањето како што истакнуваат од опозициската партија е едноставно: Каде беше Андреј Петров кога се креираше таа катастрофа?
„Тој не беше обичен член. Тој беше дел од Извршниот одбор и директно одговорен за резултатот во најважната изборна единица.
Наместо да превземе одговорност за тоа што го направи, денес ја обвинува целата партија и нејзиното раководство.
Петров отворено вели дека два пати разговарал со Венко Филипче, но дека „не вреди да се преговара со него бидејќи не го исполнува она што ќе се договори“ – што значи дека претседателот Филипче не сака да прави што му вели оваа група која работи за Мицкоски.
Ова доаѓа од Андреј Петров, човекот кој беше дел од структурите што ја доведоа партијата до најниската поддршка во нејзината историја.
Наместо да се соочи со фактот дека токму тој и неговите соработници беа дел од тимот кој ја креираше програмата и ја водеше кампањата во 2024 година, тој сега се позиционира како некој кој „сака да ја спаси СДСМ“.
Прашањето е од кого да ја спаси?
Од своите членови кои се секојдневно посветени во борбата против криминалната организација“.
Според СДСМ, особено е цинично кога Петров вели дека Игор Ивановски е решението за брза консолидација и дека анкетите во членството покажуваат дека тој би победил на регуларни внатрепартиски избори.
Пашањето, како што посочуваат, е зошто тогаш тој не се кандидираше и не победи на внатрепартиските демократски избори, туку бара да се укине демократијата во рамките на партијата и тие сами да го избираат претседателот.
„Сега сакаат да го наметнат Игор Ивановски “Шема” преку притисок однадвор и со луѓе кои ја рушеа партијата во 2024, заедно со луѓе од ЗНАМ и некои членови на други партии, а не преку демократски процес во партијата.
Андреј Петров во емисијата рече дека „Пет члена да останат во СДСМ, јас ќе бидам СДСМ“. Можеби целата желба или задачата е партијата да остане на 5 членови.
Многу е полесно да се каже тоа отколку да не се превземе одговорност за тоа што се случи во 2024 година кога тој беше еден од најодговорните за резултатот.
Оваа иницијатива не е обид за реформа. Тоа е обид на луѓе кои директно учествуваа во поразот да се ребрендираат како спасители, додека во исто време ја напаѓаат партијата однадвор во момент на нејзина консолидација.
Андреј Петров не е никаков реформатор.
Тој е дел од проблемот кој сега сака да се претстави како решение“, потенцираат од оваа партија.















