Да се работи до 72 години, се разгледуваат промени во пензионирањето

Макфакс

05/07/2026

11:00

520

Големина на фонт

а а а

Се разгледуваат можни промени во пензискиот систем, вклучувајќи и продолжување на работниот век до 72 години, врз основа на анализите од меѓународните финансиски институции и демографските предизвици.

Можните измени во пензискиот систем, меѓу кои и евентуално продолжување на работниот век, ќе зависат од анализите што ги подготвуваат Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка. Дури по нивното завршување Владата ќе одлучи дали ќе има промени во правилата за пензионирање.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека во моментов не е донесена никаква одлука и дека најнапред ќе бидат разгледани препораките на меѓународните финансиски институции.

Според неа, експертските анализи ќе опфатат различни можни решенија за пензискиот систем, вклучително и постепено зголемување на возраста за пензионирање, како одговор на стареењето на населението и демографските промени со кои се соочуваат земјите во Европа.

Димитриеска-Кочоска смета дека не треба сите граѓани задолжително да работат подолго, туку дека е потребен пофлексибилен пристап. Таа посочи дека лицата што работат на полесни работни места би можеле, доколку самите одлучат, да останат во работен однос и до 70, 71 или 72 години, додека за вработените во потешки професии би се задржале постојните услови за пензионирање.

Во рамките на анализите ќе се разгледува и финансиската состојба на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, каде што ревизорските извештаи укажуваат на растечки дефицит и дополнителни финансиски обврски, меѓу кои и префрлањето средства во вториот пензиски столб. Во исто време, државата се соочува и со зголемен јавен долг, а до крајот на годината е најавено и ново задолжување на меѓународните пазари.

И покрај тоа што во јавноста се отвори дебата за можно зголемување на старосната граница за пензионирање, од Владата потенцираат дека засега не постои конечна одлука и дека евентуалните измени ќе бидат разгледани по добивањето на експертските препораки.