Во Солун по големиот пожар се шири отровен облак и загаден воздух, еден е приведен

Макфакс

05/07/2026

17:02

609

Големина на фонт

а а а

Во Солун се шири отровен облак како резултат на голем пожар во областа Ореокастро. Загадениот воздух се проширува кон поширокото подрачје на Грција, при што ветерот ја отежнува ситуацијата. Приведен е осомничен за предизвикување на пожарот, додека експертите укажуваат на големата токсичност поради горење на рециклажни и индустриски материјали.

Токсичен облак што го прекри Солун е последица на големиот пожар што избувна во областа Ореокастро, а загадениот воздух во текот на денот се очекува да се прошири и кон поширокото подрачје на централна и северна Грција, предупредува порталот за следење на квалитетот на воздухот AtmoHub.

Според нивните анализи, чадот постепено ќе се движи кон јужните делови на земјата, при што е можно да бидат зафатени и делови од Тесалија и северна Евбеја.

Експертите предупредуваат дека согорувањето на рециклажни материјали може значително да ги зголеми концентрациите на штетните суспендирани честички PM2.5 и PM10, како и на други опасни загадувачи во атмосферата. Степенот на загадување зависи од материјалите што горат и од временските услови.

Професорот по инженерство за заштита на животната средина на Универзитетот „Аристотел“ во Солун, Демостен Саријанис, изјави дека облакот е составен од фини честички кои настануваат при нецелосно согорување.

Тој посочи дека комбинацијата од шумски пожар и согорување на индустриски материјали, како рециклажен отпад, детергенти и масла, дополнително ја влошува токсичноста на чадот.

Според Саријанис, во воздухот се присутни испарливи органски соединенија што предизвикуваат иритација на грлото и очите, како и потенцијално канцерогени материи, меѓу кои бензен, диоксини и фурани.


Пожарот избувна во саботата вечерта во планинскиот дел над Солун и брзо се прошири кон рамничарскиот предел. Огнот главно зафати ниска вегетација, а иако куќите засега не се оштетени, пожарот предизвика штети на повеќе деловни објекти. Густ чад покри неколку населби во околината.

Пожарникарите и натаму се на терен, а силниот ветер го отежнува локализирањето на огнената стихија. Како превентивна мерка, жителите на населбите Антиполи, Филотеј и Галини добија пораки за евакуација, а евакуиран е и објект во кој биле сместени 157 лица со посебни потреби.

Грчките власти во меѓувреме приведоа 76-годишен маж, кој е осомничен дека го предизвикал пожарот. Според информациите, при приведувањето постоеле индикации дека не бил во трезна состојба.

Во исто време, активни пожари се регистрирани и на други локации во околината на Солун, вклучително и на Халкидик и во регионот на Кукуш.