Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека во првата половина од 2026 година јавните финансии се стабилни со раст на даночните приходи кои произлегуваат од редовната економска активност, додека расходната страна е насочена кон исполнување на законските обврски и развојни политики.
Во првата половина од годината, односно во периодот јануари-јуни, вкупните приходи во Буџетот се реализирани во износ од 170 (поточно 169,9 па ги заокружив) милијарди денари што е раст за 8,6% во споредба со истиот период од претходната година и има реализација на планот од над 45%, велат од Министерството за финансии.
Министерката за финансии поддржува стабилност и раст
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето на ребалансот на Буџетот за 2026 година во комисиската расправа во Собранието оцени дека јавните финансии се стабилни, приходната страна се реализира согласно очекувањата, а расходите се насочени кон исполнување на законските обврски и реализација на приоритетните развојни политики.
„Особено е значајно што најголемиот дел од приходите доаѓаат од редовната економска активност. Даночните приходи достигнаа 96,7 милијарди денари, при што приходите од данокот на додадена вредност изнесуваат 43,3 милијарди денари и учествуваат со околу 44,7% во вкупните даночни приходи. Приходите од данок на личен доход достигнаа 17,5 милијарди денари, приходите од данокот на добивка 13,8 милијарди денари, а по основ на акцизи се реализирани 13,9 милијарди денари“, наведе министерката.
Податоците покажуваат раст на приходите од данокот на личен доход за 11,7%, данокот на добивка за 14,5%, данокот на додадена вредност 16,4% и раст од 8,3% кај увозните давачки бележат раст.
Според министерката ова е директна потврда дека економската активност продолжува, дека компании работат, дека платите растат и дека институциите успешно ја реализираат политиката на подобра наплата и намалување на сивата економија.
Социјалните придонеси во овој период од шест месеци, а како најзначаен извор за финансирање на пензискиот и здравствениот систем, достигнаа 58,8 милијарди денари, што претставува раст за 7,5% во споредба со истиот период минатата година.
Расходна страна на Буџетот во служба на граѓаните
На расходната страна на Буџетот, која е реализирана во износ од 205,9 милијарди денари е во насока на исполнување на законските обврски кон граѓаните.
Во првата половина од 2026 година се исполнети обврските кон стопанството, односно извршен е поврат на средства по основ на солидарниот данок во висина од 1,2 милијарди денари. За исплата на пензии се издвоени 58,1 милијарди денари и е обезбедена редовна исплата на пензиите за сите пензионери. За финансирање на здравствениот систем се реализирани 25,5 милијарди денари, а за социјална заштита на најранливите категории на граѓани се исплатени 7,6 милијарди денари. Кон општините се трансферирани 15,1 милијарди денари блок-дотации за образование, детска заштита, култура, противпожарна заштита и останатите пренесени надлежности, како и дополнителни 2,4 милијарди денари средства од данокот на додадена вредност. Истовремено, во првата поволина од годината државата дисциплинирано ги сервисираше сите обврски кон домашните и странските кредитори. За камати се исплатени 12 милијарди денари, додека за отплата на главнина по основ на домашен и надворешен долг се сервисирани 60,7 милијарди денари.
Според министерката, како што наведе во експозето, ова е исклучително важно, бидејќи финансиската дисциплина и навременото сервисирање на долгот се предуслов за зачувување на довербата на инвеститорите, меѓународните финансиски институции и кредитните агенции.
Таа потенцира дека на расходната страна, политиката останува непроменета – навремена исплата на сите законски обврски, дисциплинирано управување со јавните средства и приоритетно финансирање на развојните политики.
Инвестиции и капитални расходи
Министерката истакна дека она што претставува најсилен показател за развојната политика на Владата е реализацијата на капиталните расходи којашто во првата половина од годината достигна 19,4 милијарди денари, што претставува раст од 53,5 проценти во однос на истиот период минатата година. Тоа, смета министерката, значи дека државата инвестира повеќе во патишта, железници, комунална инфраструктура, училишта, градинки, здравствени установи, водоводи, канализации, енергетски проекти и локален развој. За изградбата на Коридорите 8 и 10-д до крајот на мај се реализирани 6,3 милијарди денари, а дополнително, за инфраструктурните проекти во општините се реализирани 2,1 милијарди денари.















