Левица: Поднесени 47 амандмани кон ребалансот, парите да се насочат кај граѓаните, а не кај партиските интереси на власта

Макфакс

06/07/2026

08:50

294

Големина на фонт

а а а

Пратеничката група на Левица поднесе 47 амандмани кон Ребалансот на Буџетот за 2026 година, со цел прераспределба на јавните средства кон важни категории како безбедност, инфраструктура, животна средина и социјална заштита, со акцент на рационално користење и отчетност.

Пратеничката група на Левица поднесе 47 амандмани кон Ребалансот на Буџетот за 2026 година, со кои, како што велат, бараат суштинска прераспределба на јавните средства кон области што директно го засегаат животот на граѓаните – безбедност, инфраструктура, животна средина, земјоделие, домување, социјална заштита, образование, култура, спорт и институционална отчетност.

Според оваа партија, ребалансот што го предлага ДПМНЕ е финансиски неодговорен и политички разголен документ.

„Наместо да ги коригира слабостите, тој ги продлабочува. Дефицитот се зголемува, задолжувањето станува уште поголемо, а капиталните расходи привидно се прошируваат и покрај катастрофално слабата реализација на веќе планираните проекти.

Амандманите на Левица се консолидиран пакет со јасна логика за парите да се пренасочат од непродуктивни и недоволно оправдани расходи кон конкретни јавни потреби“.

Во насока на контрола, отчетност и рационално користење на јавните ресурси, Левица бара воведување GPS-систем за службените возила, како мерка што треба да стави крај на неодговорниот, расипнички однос кон државниот имот.

Во групата за безбедност, Левица предлага средства за противпожарна заштита, реконструкција и опремување на објекти во МВР, инфраструктура во Министерството за одбрана и АРМ, како и за центар за планинска безбедност, маркирање и спасување.

Третата група се однесува на стратешката инфраструктура и енергетска стабилност. Амандманите за гасификација на ТЕЦ Неготино, Чебрен и хидросистемот Калиманци се насочени кон проекти што имаат долгорочно значење за државата.

Четвртата група се однесува на животна средина, санација на еколошки ризици и заштита на природните ресурси. Левица предлага средства за санација на депониите во Кочани, Кратово и Штип, санација на хидројаловиштата во Пробиштип, Македонска Каменица и Кратово, за центар за рециклирање во Дрисла, заштита од шумска сеча во Осоговските и Малешевските Планини, за санација на штети од шумски пожари, фонд за национални паркови и валоризација на природните вредности на Огражден и Кожуф. Овие амандмани, појаснуваат од таму, се одговор на моделот во кој животната средина се спомнува декларативно, а конкретните жаришта се оставаат да произведуваат здравствени, просторни и економски штети.

Левица бара средства за канализациски системи и пречистителни станици, за велосипедска инфраструктура и за изградба на државни станови. Предлагаат и фондови за млади лица и млади семејства во Штип, Велес и Кочани. Бараат откупни центри во Кочанско, Светиниколско, Велешко и Струмица, финансиска поддршка за земјоделците и зајакнување на капацитетите на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Амандманите на Левица се за: национална СОС-линија за жртви на семејно насилство, центри за жртви на сексуално насилство, шелтер-центри и програмата за заштита од ХИВ.

Оваа партија предлага и средства за унапредување на научноистражувачките и високообразовните капацитети, спортски објекти, финансиска поддршка за најдобрите спортисти, поддршка за планинарството и алпинизмот, средства за МРТ, за Управата за заштита на културното наследство и за националните установи – центри за култура.

И отворање Конзулат во Корча и поддршка на македонските заедници во соседните држави преку Агенцијата за иселеништво.

„Ја повикуваме ДПМНЕ конечно да излезе од погубниот теснопартиски рефлекс и да покаже дека власта не ја разбира како плен. Ребалансот и Буџетот не се документи за инает, пресметки и демонстрација на мнозинска ароганција, тие меѓудругото претставуваат проверка дали власта има зрелост да прифати разумен предлог кога не доаѓа од нејзините редови, а доаѓа од потребите и барањата на граѓаните“.