Приведени 18 возачи за безобѕирно возење, 11 биле без возачка дозвола

Макфакс

05/07/2026

14:40

205

Големина на фонт

а а а

Полициските службеници привеле 18 возачи поради безобѕирно возење, од кои 11 управувале без возачка дозвола. Случаите се однесуваат на различни градови, а Министерството за внатрешни работи апелира за почитување на сообраќајните правила и зголемување на безбедноста на патиштата.

Полициските службеници во текот на изминатото деноноќие лишиле од слобода вкупно 18 возачи поради безобѕирно управување со моторно возило, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Од приведените, 11 лица управувале возило без возачка дозвола, од кои пет во Скопје, три во Гостивар и по едно во Тетово, Кичево и Прилеп.

Покрај тоа, шестмина возачи биле затекнати како управуваат возило под дејство на алкохол. По еден таков случај се евидентирани во Скопје, Кочани, Пробиштип, Велес, Радовиш и на тетовското подрачје.

Во Кочани, пак, било приведено и лице кое управувало моторно возило и покрај тоа што имало активна забрана за управување.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на сите случаи ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Воедно, Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила, да не управуваат возило без положен возачки испит, доколку имаат изречена забрана за управување или се под дејство на алкохол, со цел да се придонесе за поголема безбедност на патиштата.