Автомобил „Honda Civic“ е паркиран шест години на паркингот на аеродромот во Рио де Жанеиро, а неговиот сопственик должи дури 30.000 евра за паркирање, објавува „Фигаро“.
Автомобилот повеќе нема регистарска табличка, сите четири гуми се издупчени, а сопственикот изгледа исчезнал, и покрај големиот долг што го стекнал.
Возилото од 2008 година, сега покриено со прашина и 'рѓа, изгледа целосно напуштено.

„Киднапираниот“ автомобил долго време бил мистерија, но благодарение на документите пронајдени внатре, авторите на емисија на бразилската телевизија беа во можност да го следат патот на возилото.
Автомобилот наводно бил регистриран во Њујорк пред да биде доставен во Бразил. Клучевите очигледно биле оставени внатре, на предното седиште, што укажува дека сопственикот го оставил набрзина.
Дополнително, полицискиот извештај покажува дека автомобилот бил лоциран во Кабо Фрио во 2019 година, пред да биде преместен на аеродромот во Рио во 2020 година, каде што останал оттогаш.
Иако долгот за паркирање изнесува приближно 350.000 бразилски реали (30.000 евра), сопственикот никогаш не одговорил.

Проблемот е што бразилскиот закон бара идентификација на сопственикот пред возилото да може да се отстрани или продаде. Иако ваквите ситуации се ретки, појавата на напуштени автомобили на аеродромите не е невообичаена, наведува весникот.
Во повеќето случаи, луѓето кои ги напуштаат своите автомобили се сопственици кои се принудени итно да ја напуштат земјата, честопати поради финансиски тешкотии, објавува „Фигаро“.





