Министерот за одбрана Владо Мисајловски на прес-конференција ги презентираше постигнувањата на Министерството и Армијата во последните две години, нагласувајќи раст на буџетот, модернизација на опремата, грижа за вработените и учество во меѓународни мисии, со поддршка од САД и ЕУ.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (2 јули) на прес-конференција во Министерството ги сумираше резултатите во одбраната и во Армијата во изминатите две години при што истакна дека земјава е безбедна и сигурна и дека процесот за модернизација и опремување, како и развојот на кадарот, поддржани од стабилниот раст на буџетот се реализираат со интензивно темпо.
Раст на буџетот
„Она што сите го знаете е дека буџетот е над 2% и вчера ги слушнавме од првите луѓе на НАТО дека над 4% сме во тотал. Тоа е навистина огромна вест и за нас, но и за државата, бидејќи инвестираме во сите капацитети“, рече министерот. Во однос на грижата за вработените истакна дека веќе се започнати разговори со сите синдикати чија цел е изработка на нов Колективен договор, а започнат е и процес за изнаоѓање на решение за професионалните војници кои навршуваат 45 години старост. Платите за вработените, порача, ќе пораснат веќе следната година.
Модернизација на Армијата
Во однос на модернизацијата на Армијата, министерот истакна дека овој процес тече непрекинато.
„Во делот на модернизацијата сакам да истакнам дека согласно буџетот и она што е планирано, ги сервисираме сите обврски“, истакна Мисајловски и додаде дека иако тоа претставува сериозен притисок по одбранбениот буџет, нема никаков застој во пристигнувањето на опремата.
Мисајловски детално информираше за 16-те договори потпишани со нашиот стратешки партнер и сојузник, САД, во висина од вкупно 339 милиони американски долари, од кои еден дел од средствата се од македонскиот буџет, а еден – како поддршка од САД. Тој информираше и за поддршката од Европската Унија, преку Европскиот мировен фонд во висина од вкупно над 40 милиони евра – опрема во три засебни пратки, од кои првата е целосно пристигната, а во моментов пристигнува опремата од втората пратка.
Министерот ги наброја и видовите опрема кои се веќе пристигнати – сите 96 лесни оклопни возила JLTV, првата пратка од оклопните возила Stryker чие комплетирање до 42 возила се очекува до крајот на месецов, потоа артилериските системи Boran од Турција кои се пристигнати во целост и системите за против-воздушна одбрана Mistral 3 од Франција, кои во најголем дел се пристигнати неодамна. Хеликоптерите од компанијата „Леонардо“ ќе пристигнуваат до 2029 година, а првите два се очекуваат веќе оваа година.
Министерството инвестира и во лично вооружување и лична опрема за припадниците на Армијата, рече министерот и презентираше факти за сето она што е набавено во делот на униформите, војничките чизми, шлемови, балистички елеци, опрема за АБХО единицата.
„Сакам да најавам дека од нашиот буџет, но се разбира и со нашите сојузници пред сè од Турција, во моментот сме во постапки и имаме набавено над 7.000 пара чизми, над 8.100 униформи. Исто така набавивме 1.250 шлемови, 1.250 балистички елеци, опрема за АБХ единицата над 2500 парчиња поединечно“, информираше Мисајловски.
Инфраструктура и вложувања
Министерството вложува и во армиската инфраструктура, истакна министерот. Истакна дека оваа и следната година во инфраструктурата ќе се инвестираат над 12 милиони евра, при што додаде дека досега се завршени дваесетина проекти со вредност од над 3,1 милион евра, во тек се пет проекти со вредност од околу 850 илјади евра, а веќе се изработени и проекти кои ќе се реализираат во иднина – меѓу кои и реконструкција на хотелот „Шар“ на Шар Планина и, конечно, реконструкција на Домот на Армијата во Скопје.
Учество во вежби и мисии
На прес-конференцијата се обрати и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски кој се осврна на учеството на Армијата на вежби и меѓународни мисии. Во своето обраќање генералот Лафчиски наведе дека во текот на изминатата година Армијата учествуваше на вкупно 34 вежби и 30 вежби годинава. Началникот на Генералштабот го спомена и неодамна завршеното НАТО оценување, каде припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група се стекнаа со статусот „mission capable“ или „борбено подготвени“ што, рече, е огромен успех којшто е резултат на јасна стратегиска насока и напорна работа.
Армијата продолжува активно да придонесува во меѓународните мисии и операции, додаде Лафчиски, притоа информирајќи дека „денес повеќе од 180 припадници на Армијата се распоредени во составот на Истурените копнени сили на НАТО во Романија, Бугарија и Летонија, во мисијата КФОР на Косово, мисијата ЕУФОР АЛТЕА во Босна и Херцеговина, мисијата УНИФИЛ во Либан, како и во рамките на НАТО мисијата NSATU за безбедносна помош и обука за Украина.“















