[ВИДЕО] Нетанјаху го прозва Ердоган: 400 години отоманско владеење завршија, би било мудро да се смири“

A1ON.MK

01/07/2026

18:19

691

Големина на фонт

а а а

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му порача на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган „да се смири“ во неговата реторика кон Израел, оценувајќи дека Турција претставува „оска на Муслиманското братство“, додека влијанието на Иран слабее.

Во интервју за израелскиот Канал 14, Нетанјаху, одговарајќи на прашање дали е загрижен од неодамнешните изјави на Ердоган, рече дека таквата реторика е поврзана со промените во регионалниот баланс на моќ.

„Она што се случува во Турција е резултат на слабеењето на моќта на Иран. Иран е екстремна шиитска оска, додека Турција претставува оска на Муслиманското братство – подеднакво екстремно движење. Кога Ердоган зборува за уништување на Израел и повторно владеење со Ерусалим, мислам дека заборава дека 400-годишното османлиско владеење заврши. Денес постои силна држава наречена Израел. Постои израелска армија, народ и влада. Би било мудро да се смири“, изјави Нетанјаху.

Тој порача дека Израел нема да дозволи никој да го загрози неговото постоење или безбедност.

„Нема да дозволиме никому да го загрози нашето постоење. Нема да дозволиме никому да ја загрози нашата безбедност. Мислам дека покажавме што можеме“, рече израелскиот премиер.

Во интервјуто, Нетанјаху се осврна и на односите со Египет, по прашање за израелската загриженост поради зголеменото египетско воено присуство на Синајскиот Полуостров, за кое дел од израелските медиуми тврдат дека може да биде во спротивност со одредбите од мировниот договор меѓу двете земји од 1979 година.

„Разговарав со Египќаните и им кажав што очекувам да биде направено. Дел од тоа веќе се спроведува. Станува збор за почитување на договорот меѓу нас. Мора да ги заштитиме нашите граници, но истовремено треба да разбереме дека кога една сила слабее, друга се издигнува. Така функционираат работите. А силата што мора да продолжи да се издигнува, и тоа уште побрзо, е Државата Израел“, изјави Нетанјаху.