Роберто Карлос со поинакво мислење за контроверзното мундијалско правило: За мене тоа е перфектен потег

Дерби

02/07/2026

13:25

278

Големина на фонт

а а а

Задолжителната триминутна пауза за хидратација стана состваен дел од секој натпревар на мундијалот во САД, Мексико и Канада, а бидејќи најголем дел од ѕвездите искажаа незадоволство за новото правило кое го форсира ФИФА, толкувањата на оваа тема се повеќе добиваат на значење во јавноста.

Најголем дел од експертите кои се држат до традиционалните вредности сметаат дека овој потег на ФИФА и бизарен и нема никаква врска со фудбалот, а во ситуација кога натпреварите се поделија во еден вид на четири четвртини, навистина ретко е да се слушне пофалба за ова правило.

Сепак, Роберто Карлос се издвојува со својот став и вели дека триминутната пауза е добра за фудбалерите, а не само за ФИФА која и тоа како профитира од рекламите кои имаат неверојатен финансиски ефект.

– Да го имаше ова правило во наше време, ќе трчавме уште повеќе. Во мое време немаше вакво правило, а од моја гледна точка, истото е перфектно.

– Ако го имаше во мое време и ако можевме да се хидрираме и да одмориме три минути, ќе се креираа уште повеќе ситуации за гол, ќе имаше поголем интензитет во финишот од натпреварите, а и постарите тренери ќе имаа шанса да го реорганизираат тимот. Оваа пауза од три минути за мене служи како добар пример за во иднина, им служи на фудбалерите да земат здив и потоа да го дадат завршниот атом од силите. За мене, оваа пауза која ја воведе ФИФА е перфектна, – потенцира славниот Бразилец.