Ѓорѓиевски: Булеварите се проодни, состојбата се стабилизира

Макфакс

01/07/2026

18:41

480

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека по силното невреме состојбата во градот се стабилизира, булеварите се проодни, а над 1000 работници се ангажирани за справување со последиците во координирана акција на надлежните служби.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, од кружниот тек кај „Ист гејт“, кој беше една од најкритичните точки по денешното невреме, изјави дека состојбата веќе е стабилизирана.

Тој информира дека во справувањето со последиците биле ангажирани повеќе од 1.000 работници на терен.

„Како што можете да забележите, состојбата овде е веќе стабилизирана. Нема жртви, ниту голема материјална штета. Булеварите се проодни и немаме проблем како што имавме пред половина час. Продолжуваме да бидеме будни на терен“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој преку објава на социјалните мрежи истакна и дека со брза, навремена и координирана реакција на надлежните служби биле спречени поголеми последици.

Информира дека екипите на Град Скопје и јавните претпријатија остануваат мобилизирани и ќе бидат на терен во текот на целата ноќ, сè додека има потреба од интервенции и поддршка за граѓаните.

Ѓорѓиевски посочи дека постои постојана координација со градоначалниците на скопските општини и со сите надлежни институции.

„Нема простор за паника, но има обврска за брза реакција и целосна посветеност. Скопје и скопјани не се оставени сами. Скопје има луѓе кои се на терен кога е најпотребно“, порача градоначалникот.