Џошуа Кимих е еден од оние играчи кои преземаа одговорност по новиот мундијалски срам на Германија, нешто што и се очекуваше од играч кој е капитен на овој германски тим.
Ѕвездата на Баерн Минхен говореше по болната елиминација од Парагвај и призна дека заслужено ги пакуваат куферите, особено откако тимот одиграл три разочарувачки натпревари против ривали кои се далеку од светска класа.
Со исклучок на првиот меч против аутсајдерот Курасао, Германија се мачеше на сите три наредни натпревари, па тоа го нагласи и Кимих во своето брутално искрено обраќање.
– Чувството е ужасно, не игравме добро и тоа е факт. Се мачевме на сите три последни натпревари против тимови кои не се светска класа и тоа е факт кој мора да се признае. Заслуживме да бидеме елиминирани.
– Доаѓаме да играме на вакви натпревари за да ја направиме Германија горда. Како дете, секогаш ја гледав Германија во завршницата, во полуфиналињата и финалињата. Ние не можеме да им го овозможиме тоа на нашите сонародници. Луѓето од Германија треба да добијат нешто на што ќе бидат горди, но за жал тоа не го добиваат од националниот тим.
– Ние сме тие кои ја упрскавме работата и треба да преземеме одговорност. Не беше селекторот, не се виновни медиумите, не се виновни судиите, не е виновен ниту противникот. Виновни сме само ние играчите, – жестоко порача Кимих, кој и покрај тешкиот удар, не планира да се повлече од репрезентацијата.
– Не се откжаува, секогаш ќе имам сила за уште еден обид. Никогаш нема да се откажам, тоа не е дел од мојата природа, – заврши Кимих.






