Англија повторно не ги импресионираше своите фанови иако очекувано ја победи Панама, а дополнителен удар за „трите лава“ е уште една повреда на најдефицитарната позиција на ова светско првенство.
Откако Тино Ливраменто се повреди многу порано, а Рис Џемјс паузира токму поради повреда, на десната бековска позиција сега нема да може да покрива ни Џарел Кванса.
Токму Кванса го замени поискусниот Џејмс на позицијата десен бек на дуелот со Панама, но беше принудно заменет во вториот дел на средбата во Њу Џерси и директно заминал во соблекувалната за да добие соодветен медицински третман.
Неофицијално, Џејмс нема да биде подготвен ниту за дуелот од шеснаесетфиналето со ДР Конго, со што Тухел ќе мора да бира меѓу Џед Спенс и Езра Конса, при што вториот беше стандарден на стоперската позиција на досегашните натпревари.
Кога Ливраменто заработи повреда и беше испратен дома, Тухел не повика бек, туку се одлучи за Тревор Чалоба, а до вчера тврдеше дека не е загрижен и стои зад својата одлука. Но, повредата на Кванса драстично ги менува работите.
– Кванса го превиткал зглобот и се соочи со сериозна болка. Природно е да бидам загрижен за пополнување на оваа позиција, бидејќи ни се случи уште една повреда. Ќе биде трка со времето за Џејмс и Кванса во пресрет на првиот натпревар од нокаут фазата, но ние мора да најдеме солуција и ќе го направиме тоа, – рекол Тухел.







