Соединетите Американски Држави извршија нови воздушни напади врз повеќе цели во Иран, само еден ден откако го нападнаа Техеран како одговор на напад со беспилотно летало врз товарен брод во Ормутскиот Теснец.
Од Централната команда на американската војска (CENTCOM) соопштија дека нападите биле „директен одговор на континуираната иранска агресија врз комерцијалниот поморски сообраќај“. Како цели биле наведени воената инфраструктура за надзор, комуникациските системи, позициите на противвоздушната одбрана, складиштата за беспилотни летала и капацитетите за поставување морски мини.
Како одговор, Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) рано утринава соопшти дека извела заедничка ракетна и беспилотна операција насочена кон осум американски воени објекти во Кувајт и Бахреин.
Во соопштението ИРГЦ предупреди дека секоја понатамошна агресија ќе биде проследена со „разорен одговор“ и дека евентуално прекршување на примирјето ќе доведе до „целосен прекин на сите дипломатски процеси“.
U.S. Navy and Air Force fighter jets conducted strikes tonight on 10 Iranian military targets at multiple locations in and near the Strait of Hormuz for Iran's drone attack on M/T Kiku. pic.twitter.com/Z0TLZRqmF6
— U.S. Central Command (@CENTCOM) June 28, 2026
И Бахреин и Кувајт ги осудија иранските напади, иако засега не е познато дали и кои цели биле погодени.
Новата ескалација доаѓа во време кога Вашингтон и Техеран преговараат за меморандум за разбирање со цел ставање крај на непопуларната војна, која предизвика нагло зголемување на цените на нафтата на светските пазари и однесе илјадници цивилни жртви.
Размената на напади дополнително ја истакна кревкоста на мировниот процес, посредуван од Пакистан, при што двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на привремениот договор потпишан пред помалку од две недели.
Во текстот на договорот меѓу САД и Иран се наведува дека двете земји, како и нивните сојузници, „нема да започнуваат војна или воени операции една против друга и ќе се воздржат од закана или употреба на сила“.
Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата преку социјалната мрежа Truth Social порача дека ситуацијата се приближува до критична точка.

„Може да дојде момент кога повеќе нема да можеме да бидеме разумни и ќе бидеме принудени воено да ја довршиме работата што многу успешно ја започнавме. Ако се случи тоа, Исламската Република Ирaн повеќе нема да постои“, напиша Трамп.
Претходно, американската војска соопшти дека повторно извршила напади врз ирански цели, неколку часа откако танкер беше погоден во Ормутскиот Теснец – најважната светска поморска рута за транспорт на енергенси, која Иран во голема мера ја блокираше во текот на конфликтот.
Привремениот договор од 14 точки меѓу САД и Иран требаше да ги запре борбите, започнати на 28 февруари од страна на САД и Израел, да овозможи повторно отворање на Ормутскиот Теснец за пловидба и да создаде услови за разговори за посложени прашања, вклучително и иранската нуклеарна програма.
Една рунда посредувани разговори, предводени од американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Калибаф, се одржа минатата недела во Швајцарија. Потоа Вашингтон ги ублажи санкциите кон Техеран, но судирите и меѓусебните обвинувања во меѓувреме повторно се интензивираа.
Американски претставник, кој ги потврди иранските напади врз базите во Кувајт и Бахреин, за агенцијата Ројтерс изјави дека ситуацијата сè уште се развива, но дека засега нема информации за загинати американски војници или за поголема материјална штета на американските воени објекти на Блискиот Исток.
Од CENTCOM претходно соопштија дека новите напади биле изведени откако танкер под знамето на Панама во саботата бил нападнат од иранско беспилотно летало.
„На Иран му беше дадена можност да го почитува договорот за примирје, но одлучи да не го стори тоа“, се наведува во соопштението на CENTCOM, во кое се додава дека нападите биле „директен одговор на континуираната иранска агресија врз комерцијалниот поморски сообраќај“.














