Целосната снимка од концертот на Влатко и Златко Миладиноски во арената „Борис Трајковски“ е објавена на официјалниот канал на Јутуб, овозможувајќи повторно да се доживеат највпечатливите моменти од богатиот музички настан што ја одбележа изминатата година.
Целосната снимка од концертот на Влатко и Златко Миладиноски, одржан во арената „Борис Трајковски“, од денес е достапна на официјалниот Јутуб канал на Влатко Миладиноски, овозможувајќи ѝ на публиката повторно да ги доживее највпечатливите моменти од музичкиот настан што ја одбележа изминатата година.
Концертот предизвика голем интерес кај љубителите на македонската народна музика и остана запаметен како еден од најмасовно посетените музички настани во арената „Борис Трајковски“. Со богата музичка програма, која опфати љубовни, печалбарски, патриотски и традиционални македонски песни, вечерта прерасна во вистинска прослава на македонската музичка традиција.
Посебна атмосфера создаде публиката која во текот на целиот концерт пееше заедно со изведувачите, а еден од најемотивните моменти беше големото оро кое се формираше во преполната арена.
На сцената настапија повеќе од 30 музичари, а програмата беше збогатена со настапи на играорци, балетски и современи танчери. Покрај Влатко Миладиноски и оркестарот на Златко Миладиноски, како специјални гости настапија Виданка Георгиевска, Влатко Лозаноски, Некст Тајм, Елена Андоновска, Дамјан Стојаноски и Дарко Стојаноски.
Свој придонес во концертниот спектакл даде и познатиот гајдаџија Стефче Стојкоски, додека воведниот текст го интерпретираше актерот Владо Јовановски, по текст на Регина Икономовска.
По успешните концерти во Македонската опера и балет, на Античкиот театар во Охрид и големиот концерт во СЦ „Борис Трајковски“, Влатко Миладиноски веќе го најави и следниот нивен голем концерт кој ќе се одржи на 29 јули на антолошката сцената на локалитетот Хераклеја во Битола.











