Кривична пријава против поранешен градоначалник на Дебрца за несовесно работење во службата

Макфакс

26/06/2026

13:20

249

Големина на фонт

а а а

Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Дебрца за несовесно работење и пропуштање на должен надзор со што му овозможил на неколку правни субјекти да вршат дејност без надомест во буџетот на општината, предизвикувајќи значителна материјална штета.

Полицијата поднесе кривична пријава против З.Н. (60) од селото Волино, општина Дебрца, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „несовесно работење во службата“.

Според МВР, пријавениот, во својство на градоначалник на општина Дебрца, со пропуштање на должен надзор и несовесно постапување, односно без потпишан договор, им овозможил на неколку правни субјекти во деловна зграда во сопственост на општината, лоцирана на катастарска парцела во селото Волино, во периодот од 2017 до 2025 година слободно да вршат трговска дејност без обврска да плаќаат паричен надомест во буџетот на општината.

Од МВР наведуваат дека пријавениот го сторил тоа иако знаел дека, согласно Статутот, управува со сопственоста на општината и е должен да презема мерки и да го обезбедува користењето на општинскиот имот во согласност со закон.

На тој начин, според полицијата, пријавениот предизвикал значителна материјална штета на Општина Дебрца.