Италијанскиот шампион Интер остана без првата голема цел во овој летен преоден рок, Марко Палестра кој наместо во Милано на крајот ќе заврши во Лондон во редовите на Челси.
„Нероаѕурите“ беа во пол позиција за потписот на италијанскиот репрезентативец, меѓутоа премиерлигашот се одлучи да се вклучи и му ја расипа зделката на Интер кој во Марко гледаше идеална замена за Дензел Данфрис кој заврши во Реал Мадрид.
- Ја следев целата трансфер сага поврзана со Палестра. Разбирам дека е извор на гордост за еден млад човек да оди и да игра во толку конкурентна лига, но сепак мислам дека Интер би бил совршен тим за него. Не сакам сè да го припишувам на парите. На оваа возраст, за мене, парите никогаш не треба да бидат одлучувачки фактор. Млад играч сака да се измери во нова лига, да проба нови предизвици. Но, разбирам дека ќе заработи двојно повеќе во Челси отколку што би добил тука во Италија. Но, не сакам да мислам дека тоа е само финансиско прашање за 21-годишник, - вели легендарниот Џузепе Бергоми.
- Да, можеше да биде идеално за него со оглед на тоа како игра, како би се вклопил во таа улога. Тимот на Киву, кој сè уште ќе игра во формација 3-5-2, ги вади најдобрите квалитети кај своите крилни бекови. Интер можеше да има уште еден Хакими, играч со одлична брзина и брилијантна техника, откако се збогуваше со Дамфрис, кој донесе повеќе физичка подготвеност. Значи, за мене, Интер би бил совршен тим за Палестра, и во однос на неговото уживање и за неговиот развој.
- Се надевам дека ќе најде место во почетната единаесетка и ќе пронајде континуитет, дури и ако нема да биде лесно да се вклопи или да се смести веднаш во толку конкурентна лига како англиската. За него, играњето ќе биде од фундаментално значење, а тоа важи и за националниот тим. Но, денес, особено со младите Италијанци кои одат во странство, повеќе не постои страв дека можеби ќе пропуштат да играат за „аѕурите“ ако одат во странство. Погледнете каде играат Ретеги, Калафиори, Тонали и Донарума, - додаде Бергоми.











