[ВИДЕО] Џунгла во Мексико со векови криела град на Маите: Го пронашол тим истражувачи предводен од Словенец

Точка

24/06/2026

21:00

752

Големина на фонт

а а а

Археолошки тим предводен од Иван Шпрајц, словенечки научник и специјалист за културата на Маите од Истражувачкиот центар на Словенечката академија на науките и уметностите (ЗРЦ САЗУ), откри досега непознат град на Маите длабоко во џунглата во југоисточниот дел на Мексико.

На локалитетот во џунглата е откриен голем урбан центар, кој повеќе од еден милениум останал скриен под густата вегетација, пренесе агенцијата СТА.

Теренското истражување го одобрил Археолошкиот совет на Националниот институт за антропологија и историја (ИНАХ), а откритието е особено значајно бидејќи станува збор за првиот локалитет на древните Маи во тој дел од полуостровот Јукатан.

Градот, кој се простира на површина од 15 хектари, има плоштади опкружени со палати и храмови, пирамида висока 13 метри, земјоделски тераси, канали за управување со водата и бројни врежани камени споменици.

Населбата најпрво била откриена со помош на технологијата ЛиДАР, која со користење ласерски импулси може да открие закопани структури под шумската покривка.


Подоцнежните теренски истражувања го потврдиле постоењето на голем урбан центар скриен во густата тропска џунгла.

„Минанбе навистина се наоѓа среде исклучително густа џунгла“, изјави Шпрајц за СТА.