Постојат јадења кои никогаш не излегуваат од мода, без разлика на тоа колку се менуваат современите рецепти. Едно од нив е и цицвара – едноставно, домашно јадење кое генерациите го паметеле по богатиот вкус и чувството на ситост што го дава. Некогаш била редовен гостин на семејната трпеза, а денес неправедно падната во заборав.
Ова старинско јадење – цицвара, се подготвува брзо, не бара скапи состојки, а е идеално за вечера кога сакате нешто топло, заситно и лесно сварливо. Токму затоа многумина ѝ се враќаат.
Рецепт за цицвара:
Состојки
За подготовка на домашна цицвара ќе ви биде потребно:
• 2 дл млеко;

• 300 до 400 грама кајмак или младо сирењe;
• 8 лажици бело пченкарно брашно;
• 1 лажица маст (по желба);
• 1 лажичка сол;
• 1 лажица мед (по желба).
Многу искусни готвачи тврдат дека токму квалитетот на кајмакот е клуч за совршен вкус. Колку е кајмакот помасен и покремаст, толку цицварaта ќе биде побогата и повкусна.
Подготовка
Во тенџере сипете вода, млеко и маст, па загревајте додека не зоврие. Потоа додајте кајмак или сирење и сол, и мешајте додека состојките целосно не се соединат.
Кога смесата повторно ќе почне да врие, намалете ја температурата и постепено додавајте го пченкарното брашно. Важно е брашното да се додава полека, со постојано мешање, за да не се создадат грутки.
Продолжете да готвите десетина минути, сè додека смесата не стане густа и компактна. Кога ќе забележите дека цицварaта лесно се одвојува од дното на тенџерето, јадењето е готово за сервирање.

Како се служи?
Цицвара е највкусна додека е уште топла. Може да се послужи со чаша јогурт, кисело млеко или домашна павлака. Одлично се комбинира и со сезонска салата, а оние што сакаат спој на слатко и солено може одозгора да додадат и малку мед.
Едноставна, хранлива и полна со домашен вкус, цицварата е доказ дека најубавите јадења често се токму наједноставните.









