[ВИДЕО] Гласник од 19-от век: Tаа има 194 години и ги руши сите рекорди, доби престижна награда од Гинисовата книга на рекорди

Точка

22/06/2026

21:08

420

Големина на фонт

а а а

Џонатан, најстарата желка во светот, за која беше објавено дека починала на Денот на шегата (1 април), не само што е сè уште жива, туку доби и едно престижно признание, пишуваат странските медиуми.

Џонатан е роден пред 1832 година, што значи дека има најмалку 194 години, е најстарото живо копнено животно во светот и сега е прогласен за Икона на Гинисовите светски рекорди, соопшти организацијата.

Се проценува дека имал најмалку 50 години кога во 1882 година бил донесен од Сејшелите на јужноатлантскиот остров Света Елена. Според Гинис, тој веројатно е и постар, бидејќи неговата возраст е „конзервативна процена“. Просечниот животен век на неговиот вид изнесува околу 150 години.

Џонатан бил подарок за идниот гувернер на Света Елена, британска прекуморска територија, и оттогаш живее во рамките на гувернерската резиденција, вилата „Плантејшн хаус“.

Во видео објавено на социјалната мрежа Икс од страна на Гинисовите светски рекорди, Џонатан накратко го погледнува признанието „Икона на Гинис“, а потоа продолжува понатаму. Подоцна е забележан како ужива во јадење моркови.

Најстарото познато копнено животно на Земјата, Џонатан чекорел по планетата уште пред да бидат направени првите фотографии (1838 година), пред да се воспостават првите телефонски разговори (1876 година) и пред да биде завршена Ајфеловата кула (1887 година), потсетува Гинис.

За време на овогодишниот Ден на шегата, на социјалните мрежи се појавија лажни тврдења дека Џонатан починал. Сепак, тоа очигледно не му пречело на „Стариот Џоно“, како што го нарекуваат локалните жители.

„Тој среќно ги минува деновите со уште три желки во градините на гувернерската резиденција, хранејќи се со трева и уживајќи во сончевите зраци“, наведува Гинис.

Како една од Иконите на Гинисовите светски рекорди, Џонатан се приклучува на „одбрана група рекордери чии достигнувања ги надминале границите на нивната област и инспирирале луѓе ширум светот.