Таканареченото „правило со два прста“ стана вистински вирален хит на интернет, а сè повеќе луѓе го користат овој едноставен трик за во продавница или на пазар да препознаат зрела и слатка лубеница.
Според оваа теорија, надворешниот изглед на лубеницата често знае да измами – кората може да изгледа совршено, додека внатрешноста да остане безвкусна и бледа. Поради тоа, купувачите постојано се свртуваат кон нови методи за да откријат дали плодот го достигнал својот максимум.
Самата постапка на тестирање е прилично едноставна: на површината на лубеницата пронајдете темнозелена пруга која се наоѓа меѓу посветлите, а потоа на неа поставете ги споени показалецот и средниот прст. Ако таа темна пруга е широка приближно колку вашите два прста, тоа наводно е гаранција дека во рацете држите зрела, сочна и слатка лубеница, пренесува „Metropolitan.si“.
Што всушност откриваат широките темни пруги?
Овој метод за кратко време ги освои социјалните мрежи, пред сè поради својата брзина и практичност, бидејќи на купувачите им дава чувство на сигурност дека нема да однесат дома промашен избор.
Корисниците кои го фалат овој трик веруваат дека пошироките темни пруги на кората значат дека лубеницата подолго и порамномерно созревала на сонце. Со тоа, имала повеќе време да развие природни шеќери кои директно влијаат на нејзината сочност, арома и препознатлив вкус.
Сепак, агрономите и стручњаците повикуваат на претпазливост и истакнуваат дека „правилото со два прста“ не е стопроцентно сигурно. За да бидете целосно сигурни, овој метод најдобро е да се комбинира со некои традиционални и проверени показатели за зрелост.
На што уште треба да се обрне внимание?
При купување, стручњаците советуваат да се применат уште три златни правила:

• Жолта дамка од лежење: задолжително превртете ја лубеницата и проверете го делот на кој лежела на земја додека растела. Ако таа дамка е изразито жолта или кремаста, тоа е јасен знак дека природно созревала на нива. Ако дамката е бела или бледа, лубеницата е набрана прерано.
• Звук при чукање: потчукнете по кората. Зрелата лубеница ќе произведе длабок, звучен и шуплив звук, додека незрелата ќе звучи тапо, тивко и „затворено“.
• Тежина на плодот: секогаш избирајте лубеница која ви изгледа потешка отколку што навистина изгледа. Тоа е доказ дека внатрешноста е полна со вода и сок, што гарантира освежување, пишува „N1info.ba“.












