На родителите со повеќе деца им е добро познато чувството што се јавува кога едно од децата не е присутно: грижата за само едно дете понекогаш може да изгледа речиси како одмор.
На социјалните мрежи, ваквите моменти некои корисници ги нарекле „хоби родителство“ – израз за ситуации кога родителството изгледа полесно, па дури и попријатно. Сепак, психолозите истакнуваат дека ваквиот пристап не само што е погрешен, туку и ја занемарува емоционалната сложеност на семејниот живот.
„Родителството не станува полесно, туку едноставно станува предизвикувачко на поинаков начин“, изјавила за „Newsweek“ Мелиса Тракт, лиценцирана психотерапевтка која работи со млади луѓе и семејства.
Дискусијата неодамна се разгорела на Инстаграм, каде што една мајка го опишала викендот поминат со само едно дете како „величествен“ и „како хоби“. Тракт објаснила дека ваквите споредби често ја мешаат практичната организација на секојдневието со подлабоката родителска посветеност.
„Кога некој вели дека е ’полесно‘, веројатно го поистоветува помалиот логистички товар со помал вложен труд, а тоа се две многу различни работи“, рекла таа.
„Интензитетот на родителството не зависи исклучиво од бројот на децата“, додала таа.
Иако грижата за повеќе деца може да вклучува спротивставени потреби и посложени дневни рутини, Тракт тврди дека семејствата со едно дете имаат свои, уникатни предизвици. Без браќа и сестри, односот меѓу родителот и детето често е поемоционално усогласен и подразбира подиректна вклученост.
„Има повеќе директно време еден на еден, повеќе преговарање меѓу родителот и детето и често поблиска емоционална поврзаност“, објаснила Тракт. „Тоа може да биде прекрасно, но истовремено може да создаде притисок врз детето да биде единствениот примател на родителските надежи, анксиозности и внимание“, додала таа.

Тракт истакнала дека истражувањата не ја поддржуваат идејата дека воспитувањето на едно дете е по природа полесно. Студиите покажуваат дека единците често развиваат поблиски односи со своите родители, што е одраз на поконцентрираното време, внимание и емоционална вложеност, а не на помалку вложен труд.
Со ова се согласува и лиценцираната психологинка и семејна терапевтка Лиса Томсон, која истакнала дека родителските искуства значително се разликуваат во зависност од фактори што ја надминуваат големината на семејството.
„Дискусијата за ’хоби родителството‘ претпоставува дека интензитетот на родителството може да се процени само според големината на семејството, но тоа занемарува многу други фактори што го обликуваат секојдневното искуство на воспитување дете“, рекла таа.

Во семејствата со едно дете, родителите често се главниот извор на интеракција, игра и емоционална поддршка, што, според Томсон, бара „постојана посветеност и достапност“.
Томсон нагласила дека и јазикот игра важна улога во зацврстувањето на ваквите перцепции.
„Фрази како прашањето дали имате ’само едно дете‘ можат ненамерно да сугерираат дека нешто недостасува или е нецелосно, дури и кога тоа не е намерата на соговорникот“, изјавила таа. „За многу родители, тоа одразува поширока културна предрасуда која големината на семејството ја поистоветува со легитимност, вредност или длабочина на искуството“, додала таа.
Стереотипите за единците – на пример дека се разгалени или социјално неснаодливи – одамна се оспорени од научните истражувања. Неодамнешна анкета на Галуп покажала дека 47 отсто од американските семејства претпочитаат едно или две деца, додека 45 отсто сметаат дека идеални се поголемите семејства.

„Овој стереотип повеќе зборува за непријатноста на општеството кон малите семејства отколку за реалните исходи“, рекла Тракт.
За некои семејства, терминот „хоби родителство“ може да звучи особено потценувачки. Одлуките за големината на семејството често се обликувани од комбинација на фактори, вклучувајќи плодност, финансии, здравје и лични вредности – од кои многу се сложени и длабоко емоционални.
Томсон смета дека емоционалниот контекст зад овие избори често се занемарува.
„Многу родители чувствуваат тага, разочарување или се соочуваат со неочекувана реалност затоа што немаат онолку деца колку што некогаш замислувале“, истакнала таа.

„Родителството не е натпревар, а начинот на кој зборуваме за структурата на семејството влијае врз тоа како родителите се гледаат себеси и едни со други“, рекла Тракт.
На крајот, двете експертки се согласиле дека родителството изгледа различно во секој дом и дека тие разлики не треба да се толкуваат како нешто повредно или помалку вредно.
„Интензитетот на родителството не е линеарен и не може сигурно да се предвиди според бројот на деца во домот. Него го обликуваат темпераментот, ресурсите, динамиката на односите и поширокиот контекст во кој живее семејството“, заклучила Томсон.