Пронаоѓач тврди дека има совршен изум за овците: Направил мрежа што ги штити од волци! Погледнете ги тие шилци!

Точка

17/06/2026

22:04

593

Големина на фонт

а а а

Пронаоѓачот Рудолф Шаубах од градот Филах, во јужна Австрија, поминал три години усовршувајќи „заштитна мрежа“ за овци, а потоа предизвикал поделени реакции во јавноста.

Необичното решение, според неговата замисла, треба да стане ново средство во борбата против честите напади на волци врз домашните животни во алпските и соседните региони.

„Волкот е интелигентно животно“

Пред две недели, еден фармер го тестирал системот на Шаубах. Станува збор за мрежа со димензии 1,5 × 1,5 метри, тешка меѓу два и три килограми, изработена од пластика и опремена со шилци.

Според тврдењата на пронаоѓачот, шилците се „остри како клинци“, но се обложени со гума за да не ги повредат луѓето и овците при користење.

Основната идеја е волкот, при обид за напад и каснување, да почувствува болка и да се откаже од пленот. Шаубах верува дека овој „негативен стимул“ би бил доволен за да го одврати предаторот од повторен напад.

„Волкот е интелигентно животно, не верувам дека вторпат би се обидел да касне овца“, изјавил пронаоѓачот.

Слични инциденти се забележани и во Германија, особено во покраината Долна Саксонија, каде нападите на волци врз стада се случуваат редовно.

Еден од најтешките случаи се случил во округот Графшафт Бентхајм, кога во еден напад биле убиени 70 овци, а уште 70 биле повредени. Овој настан се смета за најголемиот документиран напад на волци во Долна Саксонија.

За фармерите, ваквите настани не претставуваат само економски удар, туку и емоционален шок, бидејќи преживеаните животни често претрпуваат тешки повреди или подоцна мора да бидат еутаназирани.

„Ова нема да заживее“

Токму во таков контекст, мрежата на Шаубах е претставена како можна алтернатива на класичните методи за заштита на стадата, кои во многу региони се задолжителни – вклучувајќи електрични огради и кучиња чувари.

Сепак, реакциите на стручната јавност и фармерите главно се негативни.

Рене Кругер од местото Версбе, кој одгледува околу 1.000 овци, ја отфрла идејата како „непрактична“ и „штетна за благосостојбата на животните“.

„Ова нема да заживее. Решението е проблематично од аспект на заштитата на животните“, смета тој.

Кругер верува дека волната на овците со текот на времето би можела да се заплетка во мрежата, а волците наместо да се откажат би можеле да ја сменат тактиката и да ги напаѓаат деловите од телото како нозете или главата.

„Тоа нема да го запре волкот. Затоа ова е целосна бесмислица“, изјавил тој.

Кругер своето стадо го штити со 12 обучени кучиња, што го смета за докажан и ефикасен метод.

„Луѓето видоа само фотографии“

Сличен став има и Џина Штрампе од Сојузот за земјоделско сточарство на Долна Саксонија. Таа укажува и на практичниот аспект на идејата:

„Кој воопшто би можел да опреми 500 овци со ваков систем? Кој финансиски би го издржал тоа? Ова не е реално решение“, вели таа.

Шаубах, пак, тврди дека реакциите на критичарите се засноваат на впечатоци, а не на директно запознавање со неговиот систем.

„Луѓето видоа само фотографии, но никој навистина не се запозна со решението ниту го тестираше во пракса“, изјавил тој.

Според неговите наводи, една овца неколку дена ја носела заштитната мрежа без никакви проблеми – нормално се движела и се хранела.

Сепак, соработката со фармерот кој го тестирал системот е прекината, за да се избегнат дополнителни притисоци и негативни реакции.

Шаубах сега бара нова локација надвор од Австрија, каде би можел да ја тестира својата мрежа во реални услови.

До тогаш, идејата останува некаде на границата меѓу иновативен експеримент и контроверзен обид кој допрва треба да ја докаже својата практична вредност.