По повеќе од четири години судски постапки, пресврти, поништени одлуки и институционални битки, случајот на мајката Невена Спасеска конечно доби правосилна разрешница. Апелациониот суд во Битола ја потврди пресудата на Основниот суд во Охрид со која малолетното дете се доверува на чување, воспитување и издржување кај мајката, додека таткото ќе има право на контакти со детето.
Станува збор за случај кој посебно во последните две години ја брануваше јавноста откако малолетното дете беше одземено од мајката, што отвори сериозни прашања за начинот на кој институциите одлучуваат кога се во прашање детските права и родителското старателство. Иако постапката се водеше далеку од очите на јавноста, интересот никогаш не стивна поради бројните контроверзи и пресврти што следуваа еден по друг.

„Како полномошник на мајката Невена Спасеска задоволна сум од одлуките на Основниот суд во Охрид и на одлуката на Апелациониот суд Битола која ја потврди првостепената пресуда бидејќи после долгогодишната борба низ судските и институционалните лавиринти имаме законита одлука со која детето беше доделено кај мајката. Како адвокат сметам дека оваа одлука дава надеж и судовите може да носат законити одлуки што е нивна примарна цел, а истовремени да ја вратат довербата во правосудниот систем, изјави за А1он, адвокатката Аница Цветановска“.

Во својата одлука, Апелациониот суд наведува дека при утврдувањето на најдобриот интерес на детето биле земени предвид неговата адаптираност во средината во која живее во Скопје, стабилноста на семејниот дом кај мајката, и развојната фаза во која се наоѓа. Советот во Апелациониот суд, чиј претседател беше судијката Жаклина Доведен, ја отфрли жалбата на таткото на пресудата на Основниот суд во Охрид, донесена од судијката Илсен Салиеска Патилоска, а со која детето беше доверено на мајката, и напиша:“

„По оценка на овој суд од страна на првостепениот суд правилно и целосно е утврдена фактичката состојба и правилно е применето материјалното право, со оглед дека првостепениот суд правилно прифатил дека согласно со одредбата од чл. 265 став 3 од Законот за социјална заштита, во случајов надлежен е центарот за социјална работа на Град Скопје, кое нешто произлегува и од известувањето на Министерството за социјална политика демографија и млади, кое е надлежен орган кој спроведува контрола и инспекциски надзор над работењето на Центрите за социјална работа на нивно на целата држава, Исто така имајки го предвид мислењето на JY МЦСР на Град Схопје, првостепениот суд правилно утврдил дека во најдобар интерес на детето е истото да се довери на делумно чување, воспитување и издржување на мајката, со што донел правилна и законита одлука, имајќи ги предвид и укажувањаата на ревизискиот суд.“

Значајно во овој случај беше одлуката на Врховниот суд, кој минатата година направи пресврт кога ги укина пресудите на Основниот суд во Охрид потпишана од судијата Ефто Попески и на Апелациониот суд во Битола со кои старателството на детето му беше доверено на таткото. Врховниот суд наложи повторно разгледување на случајот, укажувајќи на сериозни недостатоци во постапувањето.
За Невена Спасеска ова не е само судска победа, туку и крај на една долга и исцрпувачка борба која ја водеше низ судниците и институциите убедена дека се бори за правото како мајка да биде со своето дете.















