[ВИДЕО] Владата должи 200 милиони евра за поврат на ДДВ – фирмите се пред колапс, предупреди Филипче

Макфакс

18/06/2026

14:50

283

Големина на фонт

а а а

Венко Филипче предупредува дека Владата должи 200 милиони евра за поврат на ДДВ на компаниите кои се пред колапс поради оваа состојба, а јавниот долг расте додека инвестициите и економската активност опаѓаат.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, предупреди дека Владата предводена од Христијан Мицкоски ја доведува економијата во сериозна криза, а компаниите се соочуваат со огромни проблеми поради неисплатениот поврат на ДДВ.

Филипче истакна дека државата должи близу 200 милиони евра кон компаниите, средства кои се неопходни за нивното тековно работење и ликвидност.

„Нема поврат на ДДВ-то на компаниите. Близу 200 милиони евра, повторувам, 200 милиони евра е вкупниот долг кој што државата го должи за исплата на ДДВ, поврат на ДДВ на компаниите“, рече Филипче.

Ваквата состојба директно го загрозува приватниот сектор и ја турка економијата кон застој.

„Фирмите се задолжуваат, фирмите си даваат позајмици, фирмите се пред колапс. Приватниот сектор нема од каде да дава плати, да не зборуваме за некаков развој“, нагласи Филипче.

Филипче обвини дека Владата нема никаква стратегија за поддршка на стопанството, додека јавниот долг драматично расте.

„Долгот, како што кажав, порасна, нови 2,5 милијарди евра, пари кои што никој не знае каде одат, од кои што 1 милијарда евра е нетранспарентен кредит од Унгарија. Внимавајте, за само две години од 8,5 милијарди евра на скоро 11 милијарди евра е вкупниот долг на државата“, истакна Филипче.

Тој додаде дека покрај растот на долгот, државата се соочува и со драматичен пад на инвестициите и економската активност.

„Странски инвестиции скоро и да нема. За 60% се намалени. Фабриките затвораат и ги отпуштаат работниците. Имаме празен буџет, немаме развојни програми, немаме поддршка на компаниите, само нови кредити кои што ќе ги враќаат следните кој зна колку генерации“, порача Филипче.

Според претседателот на СДСМ, Владата наместо да обезбеди ликвидност и поддршка за стопанството, ги остава компаниите сами да се справуваат со кризата, што дополнително ја продлабочува економската несигурност во државата.