Управување со земјоделската пластика како клучен чекор кон одржливо земјоделство

Макфакс

16/06/2026

12:30

175

Големина на фонт

а а а

Статијата ги опфаќа предизвиците и предлозите за управување со земјоделската пластична фолија во Македонија, со акцент на актуелната регулаторна рамка, еколошките ризици и потребните системски мерки за одржливо земјоделство.

Каква е актуелната регулаторна рамка за земјоделската пластика во Македонија? Колку и како се користи земјоделската фолија во производството? Што се случува со фолиите по нивната употреба – кој е нивниот третман и влијание врз животната средина? Кои се најважните препораки за оптимално системско решение и европски практики што може да се применат кај нас?

Ова беа дел од прашањата на кои дискутираа претставници на локалната самоуправа, релевантните институции, бизнис секторот, компаниите за управување со отпад и рециклирање, земјоделските производители и стопанските комори, за време на работилницата

„Управување и рециклирање на пластична фолија за земјоделските култури во Македонија“, организирана од Општина Струмица, со поддршка на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, која работи на зајакнување на малите и средни претпријатија во секторите одржлив агробизнис и одржлив туризам.

„Струмица е препознатлива како срцето на македонското земјоделство. Зголеменото производство носи свои предизвици, особено во делот со управување со отпадот. Наша обврска е да размислуваме за тоа каква животна средина ќе оставиме на следните генерации. Решението треба да биде колективно и да вклучува силна координација меѓу јавниот, приватниот сектор, земјоделските производители и останатите чинители“ – посочи Томе Марангозов, дел од општинската администрација и од тимот на градоначалникот на Општина Струмица.

Анета Дамјановска, национален координатор во Амбасадата на Швајцарија во С. Македонија, нагласи дека справувањето со отпадот претставува исклучително важно прашање, особено во контекст на меѓународните стандарди што компаниите треба да ги исполнат за да имаат пристап до европските пазари. „Присуството на претставници од релевантните институции и приватниот сектор на денешниот настан е доказ дека темата ги засега сите, а само со заеднички пристап може да се најде решение кое ќе им помогне на компаниите да бидат поконкурентни, а истовремено ќе обезбеди почиста животна средина за граѓаните.“

Презентираната анализа покажа дека употребата на земјоделска пластична фолија бележи континуиран раст, особено кај мулч-фолиите и биоразградливите фолии. „Анализата покажа дека употребата на пластични фолии во земјоделството расте, а постојните практики на собирање и отстранување – продажба на приватни собирачи, складирање или палење – создаваат сериозни ризици за животната средина. Иако најчесто користените материјали технички можат да се рециклираат, контаминацијата со земја и органски материи претставува голем предизвик.“ – истакна м-р. Ана Каранфилова Мазневска, презентер и раководител на сектор за отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Конкретни мерки за подобрување на управувањето со земјоделската пластика

Во рамки на дискусијата беа предложени низа конкретни мерки за подобрување на управувањето со земјоделската пластика. Учесниците ја нагласија потребата од воспоставување систем на проширена одговорност на производителите, со јасно дефинирани обврски за производителите и увозниците. Оваа мерка треба да биде придружена со измена на постојната законска рамка или донесување посебен закон за управување со земјоделска пластика, со кој ќе се опфатат пластенички, мулч и силажни фолии, агротекстил и други производи што се користат во земјоделството.

Дополнително, беше предложено воведување на еко-надоместок за производителите и увозниците, кој ќе обезбеди финансиски средства за собирање, транспорт, рециклирање и едукација. За координација на националниот систем, се препорачува формирање колективен постапувач, кој ќе ја организира целата мрежа на активности.

Во насока на практична имплементација, беше истакната потребата од развивање регионални собирни пунктови во најинтензивните земјоделски региони, како и поставување постепени национални цели за собирање и рециклирање со јасни индикатори за следење на напредокот.

Покрај тоа, учесниците ја нагласија важноста од зајакнување на инспекцискиот надзор за да се намали палењето и неконтролираното отстранување на отпадните фолии. Беше предложено и спроведување континуирани едукативни активности за земјоделците, насочени кон правилно чистење и предавање на отпадните фолии на овластени оператори. Беше истакната потребата од подобрување на системот за статистичко следење и известување, преку воспоставување јасни насоки за класификација и евиденција на земјоделската пластика.

Управувањето со земјоделската пластика усогласено со европските стандарди е клучен чекор кон одржливо земјоделство и одржлив туризам. Македонија мора да воспостави систем на проширена одговорност на производителите, релевантен за македонски услови по примерот на Европските земји.