Драган Спасов Дац со емотивна објава за љубовта, бракот, саканите која ќе ве замисли: „Без оглед на тоа што ќе се случи... Се гледаме дома љубов моја“

Точка

16/06/2026

14:15

833

Големина на фонт

а а а

Познатиот македонски актер и музичар Драган Спасов Дац повторно успеа да го привлече вниманието на јавноста, но овојпат не со настап, улога или музички проект, туку со искрена и длабоко емотивна објава на социјалните мрежи која допре до многумина.

Дац, кој важи за човек што често знае преку своите статуси да испрати силна порака за животот, љубовта и секојдневието, овојпат реши јавно да проговори за една тема во која сигурно ќе се препознаат многу брачни парови. Во текстот што ѝ го посвети на својата сопруга, тој отворено зборува за реалноста на брачниот живот, признавајќи дека ниту една врска не е совршена и дека кризите се неизбежен дел од заедничкиот пат.


Низ искрените зборови, уметникот потенцира дека љубовта не е само романтика и убави моменти, туку и секојдневна борба, компромиси, недоразбирања и моменти кога двајца луѓе мораат свесно да изберат да останат заедно и кога е најтешко. Токму во тие периоди, според неговата порака, се гради вистинската сила на еден брак.

Неговата објава за кратко време предизвика бројни реакции и коментари, а многумина на социјалните мрежи споделија дека токму ваквите искрени признанија од јавните личности потсетуваат дека зад секоја долготрајна љубов стои многу повеќе од она што луѓето го гледаат однадвор.

Целата објава прочитајте ја во продолжение:

„Без оглед на тоа што ќе се случи... се гледаме дома љубов моја...

Многу луѓе мислат дека животот во брак е едноличен, во добра или во лоша смисла, но тоа не е вистинската состојба.

Животот со саканата особа не е онаков како што луѓето го замислуваат. Не станувате наутро за појадок и не јадете заедно во кревет секое утро. Куќата не е секогаш чиста а храната не е секогаш свежо припремена.

Да се живее со човек што го сакате значи и да се пецкате за едноставни работи како на пример за тоа кој би требало да го фрли ѓубрето или кој да раскрене после ручекот, закачки околу финансиските проблеми но и околу тоа кој повеќе навечер го влече јорганот кон себе. Но покрај се, се радувате на секојдневните средби со својата љубов или по враќањето дома, затоа што знаете дека некој ве чека.


Заедно се смеете кога работите нешто забавно. Тоа е интимност, тоа е заедничкото гледање филмови, понекогаш и заедничкото денгубење. Бракот е и преживување на емоционалните кризи додека другиот седи до вас, ве гушка и ви говори дека се ќе биде во ред, а вие му верувате.

Тоа е сакањето на својата љубов , дури и тогаш кога тоа ве излудува. Тоа е копнежот и ѕиркањето на часовникот кога се приближува времето на доаѓањето на саканата личност дома.

Животот со саканата особа се и секојдневите караници околу разни глупости, но тоа е сепак љубов, која многу луѓе ја бараат целиот свој живот. Заедничкиот живот не е лесен и тешко е да се одржува во рамнотежа секој ден. Да беше лесно, немаше да биде толку вредно.

Без оглед на тоа што ќе се случи... се гледаме дома љубов моја“.