Галичник викендов ќе пулсира во ритамот на електронската музика – 5. издание на фестивалот „Галицко“

Макфакс

16/06/2026

09:30

175

Големина на фонт

а а а

Фестивалот на електронска музика Галицко, посветен на диџеј Ицко, ќе се одржи по петти пат во Галичник со целодневна програма која вклучува дневни авантури и ноќни диџеј сетови, обезбедувајќи забава за љубителите на планината и музиката.

Под мотото „Зора за планина. Ноќ за музика. Галичник за сите“, се подготвува петтото издание на фестивалот на електронска музика Галицко, кој ќе се одржи на 20 јуни.

Галицко е фестивал создаден во чест на диџеј Ицко, чија голема желба беше токму на ова место да се одржува фестивал на електронска музика. Петта година по ред, неговата сопруга и пријателите, заедно стојат зад проектот кој е еден вид на аманет од прерано починатиот диџеј.

Галицко расте од година во година и полека станува едно од најавтентичните летни случувања во земјава, а нуди забава за љубителите на планината и добрата музика.

Влезот на Галицко, исто како и претходните години, е слободен за сите, а фестивалот нуди богата целодневна програма, поделена два дела – Galicko by Day и Galicko by Night.

Во рамките на дневната програма, љубителите на активниот туризам ќе можат да изберат некоја од понудените авантури: велосипедска тура на релација Галичник-Лазарополе-Галичник, или планинарско искачувања до еден од трите врва – Старци, Меденица или Вели Врв.

Дневна забава ќе има и во хотел Неда, а за журката под отворено небо се задолжени Erik Fox и Nikifor.

Ноќната програма ќе започне на зајдисонце на главната фестивалска сцена, со сетови на овогодинешните млади и надежни диџеи од Enso Academy.

Забавата продолжува до после полноќ со настапи на пријателите на диџеј Ицко – Galoski, BDM, Kandar и Lephonq & Martin.