Левица: Додека Алиу брои „продуктивност“ пациентите во Струга се оставени на милост и немилост – хирурзите излегоа на протест

Макфакс

16/06/2026

09:00

201

Големина на фонт

а а а

Партијата Левица реагира на протестот на хирурзите од Струга поради неисплатени надоместоци и ја критикува Владата и министерот Алиу поради тоа што ја мери продуктивноста на здравствените работници со нејасни критериуми, оставајќи ги пациентите на милост и немилост.

„Случајот со хирурзите од Струга, кои протестно ги прекинаа планираните операции поради неисплатени надоместоци што им следуваат по закон и колективен договор, отвора сериозни прашања за тоа кој ја мери продуктивноста во здравството или ако нема пациенти дали лекарите треба да останат без плата. Наместо институциите да утврдат каде е проблемот, јавноста добива политички квалификации за тоа кој е продуктивен, а кој не“, велат од партијата Левица.

Хирурзите во Струга тврдат дека не се соодветно платени за својата работа. Власта и министерот Алиу, пак, тврдат дека здравствените установи кои најгласно ги бараат своите средства се истовремено и најмалку продуктивни.

Но, што всушност значи „продуктивност“ во здравството?

Ова неизбежно потсетува на идејата за „плаќање по учинок“ која се туркаше во времето на Груевски и која тогаш наиде на силен отпор од здравствените работници. И денес останува истото прашање: по кои критериуми некој ќе одлучува кој заслужува повеќе, а кој помалку? Ако власта тврди дека одредени болници или вработени не се доволно продуктивни, тогаш треба јасно да каже по кои критериуми го мери тоа. Дали продуктивноста на лекар, медицинска сестра или болничар се сведува само на бројот на пациенти, прегледи или операции?

Колективниот договор јасно предвидува дека прекувремената работа се плаќа според остварените часови и соодветниот коефициент. Тоа право не зависи од субјективно мислење на министер дали некој бил доволно „продуктивен“, туку од фактот дека работел повеќе од редовното работно време. Информациите кои пристигнуваат до Левица се дека во сите здравствени установи се врши кратење на надоместоците за прекувремена работа, што само потврдува дека буџетот е во колапс.

Дополнително, никој не може да ги „натера“ пациентите да дојдат во болница за да се подобри статистиката. По таа логика, дали треба да не ги платиме пожарникарите ако во текот на месецот немало пожари? Јавните служби постојат за да бидат подготвени кога граѓаните ќе имаат потреба од нив, а не само кога има работа.

Но, во целата оваа ситуација не смеат да бидат заборавени пациентите. Во ситуација во која сега се наоѓа болницата во Струга токму пациентите се колатерална штета на недоразбирањата и нерешените исплати на надоместоци меѓу вработените и министерството за здравство. Токму луѓето кои не се итни случаи, а чии операции или интервенции се одложуваат ги трпат последиците од неодговорното однесување на министерот Алиу, чија должност е да менаџира со системот така што проблемите навремено ќе се решаваат и нема да ескалираа до степен во кој товарот ќе падне врз пациентите.

Затоа, наместо етикети и обвинувања, потребни се факти и транспарентност. Ако постојат проблеми со ефикасноста на одредени установи, тие треба да се докажат со јасни и еднакви критериуми за сите. Граѓаните и здравствените работници заслужуваат одговор на едно сосема легитимно прашање: Кога зборувате за продуктивност во здравството – што точно мерите и по кои правила?“, се наведува во соопштението на партијата Левица.