Властите во јужниот дел на Холандија издадоа тридневно предупредување за 200.000 жители поради пронајдена опасна бактерија во водата за пиење која може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Жителите мора да ја превриваат водата најмалку три минути додека не се потврди дека е безбедна за употреба.
Властите во јужниот дел на Холандија издадоа тридневно предупредување за околу 200.000 жители, откако бактеријата Ешерихија коли била откриена во водата за пиење.Предупредувањето се однесува на жителите на градовите Дордрехт, Звајндрехт и Хендрик-Идо-Амбахт, што предизвика недостиг од флаширана вода во супермаркетите.

Надлежните соопштија дека целата вода од чешма мора да се преврива најмалку три минути пред да се користи за пиење, готвење или миење заби. Мерката има за цел да ги уништи сите бактерии што можеби навлегле во водоводниот систем преку дистрибутивната мрежа.
Предупредувањето ќе остане во сила сѐ додека анализите не потврдат дека водата повторно е безбедна за употреба без дополнителен третман.
Ешерихија коли е бактерија која природно се наоѓа во цревата на луѓето и животните, но кога ќе се појави во загадена храна или вода може да предизвика стомачни и цревни заболувања. Здравствените власти предупредија дека лицата со ослабен имунитет можат сериозно да се разболат.








