Зошто Хезболах е толку важен за Иран?

Точка

12/06/2026

20:51

799

Големина на фонт

а а а

Хезболах игра централна улога во иранската надворешна политика. И покрај зголемените ризици, оваа милиција останува клучна за влијанието на Техеран на Блискиот Исток и во конфронтацијата со Израел.

Ситуацијата на Блискиот Исток повторно ескалира. И покрај кревкото примирје меѓу Иран, од една страна и Израел и САД, од друга страна и натаму доаѓа до воени инциденти, меѓусебни напади и закани, пишува Дојче веле.


Во текот на ноќта од вторник кон среда повторно дојде до воени акции откако бил соборен хеликоптер на американската војска. По ракетните напади на шиитскиот Хезболах и сојузниците на Иран врз северот на Израел, израелската војска за време на викендот гаѓаше цели во предградијата на либанската престолнина Бејрут. Набргу потоа, Техеран одговори со ракетни напади врз израелска територија. Израел потоа возврати со напади врз цели во Иран.

Најновата ескалација се заканува да ги поништи напорите за постигнување договор со Иран, со кој американскиот претседател Доналд Трамп сака да ги запре конфликтите во регионот.

Иранската регионална стратегија под притисок

„Од иранска перспектива, во моментов постои еден клучен приоритет: Хезболах да биде земен предвид во можните политички договори и мировни преговори“, истакнал експертот за Блискиот Исток Арман Махмудијан од Универзитетот Јужна Флорида. Секој договор подразбира заемни отстапки.


За Техеран, меѓутоа, од пресудна важност е Хезболах да не стане предмет на преговори. За Иран овде не станува збор само за Хезболах, туку генерално за иранското регионално влијание.

„Ако Хезболах и понатаму биде изложен на израелски напади, а истовремено се создаде впечаток дека Техеран го остава на цедило, тоа би можело да има сериозни последици за Иран и да ја разниша довербата на другите актери поврзани со Иран во регионот – како Хутите во Јемен или шиитските милиции во Ирак. Хезболах, на крајот на краиштата, се вклучи во овој судир првенствено од лојалност кон Иран и го нападна Израел по убиството на Хаменеи“, додал тој.


По избувнувањето на војната со Иран на 28 февруари и убиството на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хаменеи, либанската милиција Хезболах истрела ракети врз Израел и така застана на страната на Техеран во оваа војна.

Израел одговори со бомбардирање на јужните предградија на Бејрут и други делови од северната соседна држава. Со тоа војната се прошири и во Либан.

Хезболах како повеќенаменска организација

Шиитскиот Хезболах настана на почетокот на 1980-тите години, за време на граѓанската војна во Либан и по израелската инвазија на таа земја. Во Либан, покрај сунитите, кои сочинуваат околу 32 отсто од населението, живеат и околу 31 отсто шиити, како и бројни христијански заедници, Друзи и Алавити.


Шиитскиот Иран одигра клучна улога во основањето на Хезболах по Исламската револуција во 1979 година и ја поддржува оваа организација финансиски, воено и идеолошки. Движењето располага со сопствено воено крило, но истовремено е застапено и како политичка партија во либанскиот парламент и управува со бројни социјални установи.

Германија, САД и многу други држави го сметаат Хезболах целосно или делумно за терористичка организација. Во Германија неговите активности се забранети од 2020 година.


Хезболах денес се смета за значително ослабен. Израелските воени удари во последните години сериозно ги нарушија неговите воени капацитети и командна структура. Но, организацијата и покрај големите загуби, успеала барем делумно да ги обнови своите структури, слично како по Либанската војна во 2006 година.

Сè поголемата цена на судирот со Израел

Хезболах веќе со децении е еден од клучните столбови на иранската регионална стратегија. Иранскиот експерт Араш Азизи оваа логика ја опишува како „Forward Defence“. Според таа стратегија, Иран се обидува потенцијалните закани да ги држи што подалеку од сопствената територија, користејќи сојузнички актери за одвраќање на противниците.

Меѓутоа, таа стратегија делумно се сврте против него. Денес Иран сè почесто е принуден активно да ги штити своите сојузници, што подразбира и директни напади врз Израел, но и прифаќање израелски противнапади врз иранска територија и инфраструктура.

Новата иранска власт се обидува поддршката за Хезболах сè повеќе да ја оправдува со национални безбедносни интереси, а помалку со идеолошки аргументи, нагласил Араш Азизи. „Сепак, останува фактот дека Иран, како држава која себеси се гледа во судир со Израел, не може едноставно да ги напушти своите регионални сојузници“, додал тој.

Истовремено, за Иран цената на понатамошните судири со Израел е многу висока. Економската штета предизвикана од војната е огромна, животните услови на многу граѓани се влошија, а економските перспективи остануваат неизвесни.

„Новата власт во Иран затоа нема да мора да ги решава само безбедносните и надворешнополитичките предизвици, туку ќе мора да одговори и на прашањето каква иднина може да му понуди на своето население“.