AI камери во Грција казнувале празни седишта, возачите останале во неверување

Точка

11/06/2026

19:04

421

Големина на фонт

а а а

Дел од работата на сообраќајната полиција во следењето на почитувањето на сообраќајните правила треба да ја преземат сообраќајните камери со помош на вештачка интелигенција. Сепак, практиката покажува дека тоа не оди баш толку лесно.

Помалку полицајци на патиштата, побрза обработка на прекршоците и автоматско издавање казни требаше да ја зголемат ефикасноста на системот составен од сообраќајни камери со AI технологија. Но, пилот-проектот во Грција покажа дека технологијата сè уште има сериозни ограничувања, пишуваат грчките медиуми, а пренесува "Carscoops".

Според грчките медиуми, AI камерите поставени во областа на Атина во текот на април и мај регистрирале околу 13.000 сообраќајни прекршоци. Човечките оператори успеале да прегледаат 5.500 од нив, а од тој број само 400 пријави биле оценети како валидни. Дури 5.100 случаи биле отфрлени.

Најголемиот дел од отфрлените пријави се однесувале на пречекорување на брзината. Вкупно 3.800 казни биле поништени затоа што се темелеле на пресметка на просечна брзина помеѓу две точки, а за таков начин на казнување моментално не постои законска рамка во Грција.


AI ги мешала мобилните телефони со други предмети

Вистинските проблеми се појавиле при препознавањето на користење мобилен телефон за време на возење и некористење сигурносен појас.

Полициските службеници кои ги прегледувале снимките утврдиле дека вештачката интелигенција често погрешно го толкувала она што го гледа. Темни предмети во рацете на возачите ги препознавала како мобилни телефони, а како прекршоци знаела да означи и сосема вообичаени дејства, како менување брзини или користење електронска цигара.

Дополнителни проблеми создавале осветлувањето и сенките. Како што наведува грчкиот весник "Ta Nea", камерите во одредени случаи пријавувале непостоечки патници на совозачкото седиште поради наводно некористење сигурносен појас, па казни пристигнувале дури и за празни седишта.

Имало и ситуации во кои возачите погрешно биле означени како лица без сигурносен појас затоа што темната облека се спојувала со бојата на појасот.

Недостаток на контекст

Проблем претставува и недостатокот на контекст.

AI камерите бележат секое возило што ќе влезе во автобуска или итна лента, но не можат да ја проценат причината за таквиот потег. Возач кој се поместува за да пропушти возило на брза помош за системот изгледа исто како и возач кој свесно ги прекршува правилата.

Истото важи и за ситуации во кои сообраќајот го регулира полициски службеник.

Сите овие информации се темелат на податоци кои протекле во медиумите, а не на официјални полициски извештаи. Грчкото Министерство за инфраструктура и транспорт, пак, јавно го претставува проектот како успешен.

Што велат официјалните податоци?

Според податоците објавени од државната телевизија "ERT", помеѓу крајот на март и крајот на мај биле потврдени 2.453 дигитални казни.

Возачите поднеле 420 официјални жалби, а прифатени биле само 52, најчесто во случаи на медицински итни ситуации.

Владата го истакнува малиот број прифатени жалби како доказ за доверливоста на системот. Сепак, притоа се премолчува фактот дека полициските службеници и понатаму мора рачно да прегледуваат илјадници потенцијални прекршоци пред казните да бидат испратени до возачите.


Само осум AI камери во Атина

Интересно е што на подрачјето на Атина моментално работат само осум AI камери, кои истовремено ја следат брзината, минувањето на црвено светло, користењето мобилен телефон, сигурносен појас и заштитен шлем.

Ова го потврдил Кимон Логотетис од Министерството за инфраструктура и транспорт во разговор за „YouTube“ каналот на Василис Сарибалидис.

Плановите за поставување дури 1.000 нови AI камери засега се стопирани по жалбите на учесниците на тендерот.

Паралелно се спроведува посебен проект за поставување на 388 класични камери кои ќе служат исклучиво за надзор на минување на црвено светло.

Целиот случај покажува дека вештачката интелигенција може да биде корисна помош во сообраќајниот надзор, но и дека сè уште е далеку од тоа целосно да ја замени човечката проценка.