Американски брачен пар кој го посетил Рим на почетокот од месецов бил шокиран откако добил сметка од 44 евра за две порции сладолед во центарот на градот.
Никол Ан од Флорида го споделила своето искуство, објавувајќи што ѝ се случило за време на посетата на слаткарницата „Дон Нињо“, недалеку од познатиот плоштад Пјаца Навона.
„Застанавме за сладолед и побаравме две мали чаши. Ја добивме најмалата големина, а продавачката рече дека можеме да избереме три топки“, напишала Никол.
Како што тврди вработените потоа почнале да додаваат прилози што не ги побарале, како што се макаронси и каноли, оставајќи впечаток дека се вклучени во цената.
Меѓутоа, изненадувањето дошло кога ја добиле сметката.

„Мислев дека рече 14 евра“, истакнала Никол, која дури откако ја погледнала сметката сфатила дека мора да плати дури 44 евра.
На сметката пишувало дека две „макси“ порции сладолед чинат по 12 евра. Макаронсите биле наплатени шест евра, канолите со ф’стаци пет евра, додека дополнителниот шлаг чинел четири евра.
„Вистинска туристичка стапица. Искрено, сладоледот не беше ни особено вкусен. Тоа беше најлошиот сладолед што го пробав во текот на десетте дена во Италија и не можев ниту целиот да го изедам“, раскажала Американката.
Никол подоцна појаснила дека не планира да ја оспори сметката, но признала дека требала внимателно да го провери ценовникот пред да нарача.
„Патував низ цела Италија и никаде не сум видела толку високи цени за сладолед“, додала таа.
Нејзината објава набрзо стана вирална и собра стотици коментари. Додека некои корисници на социјалните мрежи застанаа на нејзина страна, други истакнаа дека ваквите цени се вообичаени во најпосетуваните туристички области на Рим, каде што цените се значително повисоки отколку во другите делови од градот.











