Вакцините против рак ќе чинат повеќе од 100.000 евра по пациент?

Точка

08/06/2026

19:53

1.021

Големина на фонт

а а а

Бројот на случаи на рак на кожа нагло се зголеми во последните години. Најновите податоци покажуваат дека комбинацијата од mRNA вакцина и имунотерапија би можела долгорочно да ги заштити пациентите од враќање на болеста.

По играње тенис, одеднаш почувствувал болка во левата рака.

„Отидов во клиника и тогаш ми беше поставена дијагнозата: меланом“, раскажува еден пациент од Хамбург. Тој добро знае дека туморот, дури и кога ќе се отстрани, може повторно да се појави или да создаде метастази.

Овој ризик е многу висок кај меланомот, кој се нарекува и црн рак на кожа. Затоа пациентот одлучил да учествува во студија што испитува дали mRNA вакцината против меланом може да го намали ризикот од повторување на болеста. Целта на вакцинацијата е да го обучи имунолошкиот систем да ги препознае и уништи туморските клетки.

Ефектот е видлив и по пет години

„Знаеме дека кај практично секој пациент со здрав имунолошки систем кој заболува од меланом веќе се одвива имунолошки напад – одбранбениот систем веќе се обидува да ги нападне и уништи тие клетки“, објаснува Кристофер Гебхарт од Клиниката за дерматологија при Универзитетската клиника Хамбург-Епендорф (UKE). Гебхарт раководи со хамбуршкиот дел од таканаречената студија од фаза 3, која моментално е во тек. Тој истакнува дека овие имунолошки реакции сега треба дополнително да се засилат.


Првата, помала студија од фаза 2, во која учествувале 157 пациенти, веќе по две години покажала дека комбинацијата од имунотерапија и mRNA вакцина значително поефикасно го намалува ризикот од враќање на болеста отколку самата имунотерапија.

Во текот на тоа истражување, кај пациентите со црн рак на кожа најпрво бил отстранет меланомот. Потоа сите примиле лекови преку инфузија, односно имунотерапија. Две третини од пациентите дополнително добиле и mRNA вакцина, приспособена на нивниот конкретен тумор. Сега, по пет години, објавени се нови резултати кои покажуваат дека ризикот од повторување на болеста останува намален и на долг рок.

Вакцина во комбинација со имунотерапија

Овие mRNA студии поврзуваат два концепта што се потпираат на имунитетот.

За време на инфузијата пациентите примаат таканаречени инхибитори на контролни точки (checkpoint инхибитори), кои го активираат одбранбениот систем.

„Знаеме дека овие лекови се ефикасни, но веројатно само кај дел од пациентите, приближно кај половина од нив. Другата половина, изгледа, е отпорна на овој вид имунотерапија“, вели Гебхарт.

Улогата на mRNA вакцината е да ги надополни овие инхибитори така што точно ќе им „покаже“ на имунолошките клетки каде се наоѓаат канцерогените клетки.


Индивидуална mRNA вакцина за секој пациент

Лекувањето трае една година.

„Штотуку ја примив петтата инфузија и третата вакцина. Од самите вакцини не почувствував апсолутно ништо“, раскажува пациентот што учествува во актуелната студија. „Почувствував само блага болка на местото на убодот, без никакви други типични реакции“.

mRNA вакцината се произведува индивидуално за секој пациент, врз основа на неговиот тумор. Примерок од ткиво се испраќа до производителот на вакцината „Moderna“, каде што се дешифрира генетскиот код на туморските клетки и се споредува со здравите клетки на телото.

Дерматологот Гебхарт објаснува дека токму во тоа лежи тајната на програмерите и производителите. Тие од листата на генетски промени ги избираат оние што содржат информации за протеински структури кои имунолошкиот систем најдобро ги препознава – таканаречените неоантигени. Во овој случај се избираат меѓу 20 и 34 различни неоантигени кои потоа му се даваат на пациентот.

Поголем број пациенти останале здрави

Сега, пет години подоцна, повторно е проверена здравствената состојба на учесниците од фазата 2 на оваа студија за да се утврди кај кого ракот се вратил, а кај кого не. Анализата на податоците покажала дека ефектот трае долго доколку имунолошкиот систем успешно научи како да се бори против туморот.

„Гледаме дека ова не е привремен ефект“, вели Ралф Гуцмер, директор на Универзитетската клиника за кожни болести во Минден и претседател на Работната група за дерматолошка онкологија.


Забележани се помалку рецидиви и далечни метастази.

„Тоа значи дека повеќе пациенти остануваат здрави, иако без оваа терапија би имале висок ризик од враќање на болеста“.

Гуцмер нагласува дека ова се првите податоци што докажуваат дека ефектот трае и по пет години.

Сознанието дека ефектот не слабее дополнително ги зацврсти големите очекувања што лекарите ги имаат од mRNA вакцината. И Гебхарт е оптимист:

„Технологијата на mRNA вакцините би можела револуционерно да го промени лекувањето на меланомот и да ни овозможи да излекуваме значително повеќе пациенти отколку досега“.

Вакцината сè уште не е одобрена и ќе биде скапа

Сепак, mRNA вакцината против меланом сè уште не е одобрена за официјална употреба.

Предуслов за одобрување е големата студија од фаза 3, во која учествуваат повеќе од 1.000 пациенти, да ги потврди овие позитивни резултати. Исходот од тоа истражување се очекува најрано наесен.

Дури и ако вакцината биде одобрена, останува проблемот со нејзината цена.


„Тоа сигурно нема да биде евтина терапија“, предупредува Гебхарт.

Исклучително скапи се едногодишната терапија со инхибитори, како и индивидуалното производство, подготовка и спроведување на самата mRNA вакцинација.

Овој експерт проценува дека цената би можела да изнесува повеќе од 100.000 евра по пациент на годишно ниво. Досега во медицината се забележани многу малку услуги што се толку скапи.