ДУИ објави документи од Катастар кои укажуваат на сомнителни имотно-правни и деловни врски меѓу поранешниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу, и директорот на НОМАГАС, Недим Рама, поврзани со седум викенд-објекти на иста парцела.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) објави официјални документи за кои тврди дека се од Агенцијата за катастар кои отвораат сомнежи за имотно-правните и деловните односи меѓу поранешниот градоначалник на Општина Чаир, Висар Ганиу, и актуелниот директор на НОМАГАС, Недим Рама.
Според официјалните податоци од Катастарот:
• Во Имотен лист бр. 730 за Катастарска општина Лисец-Вонград, како носители на правото се заведени Висар Ганиу и Недим Рама.
• Двајцата се поврзани со парцелата 1/455, регистрирана на истата локација.
• За истата парцела е отворен и Лист за предбележување на градба бр. 1213, каде како носител на правото е заведен Висар Ганиу.
• На оваа парцела се евидентирани седум објекти со намена „А4-3 – викенд куќи“.

Значи, не станува збор за обичен имот, туку за комплекс од повеќе викенд-објекти поврзани со лица кои до вчера управуваа со локалната власт, а денес раководат со стратешки државни институции.
Јавни прашања што се отвораат:
• Кога и како е воспоставена оваа имотно-правна врска меѓу Висар Ганиу и Недим Рама?
• Со какви финансиски средства е реализирана изградбата на седумте викенд-објекти?
• Дали овие имоти и инвестиции се пријавени во анкетните листови и во изјавите за имотна состојба?
• Дали постојат и други деловни односи меѓу лица кои денес контролираат значајни јавни функции?
Ова не е политичко прашање.
Ова е прашање на потекло на имотот, транспарентноста и можниот судир на интереси кај лица кои со години управувале со јавни буџети, а денес раководат со институции од стратешко значење за државата.

ДУИ ги повикува Државната комисија за спречување на корупцијата, Финансиската полиција, Управата за јавни приходи и Јавното обвинителство без одлагање да ги испитаат сите околности поврзани со оваа заедничка сопственост и со изградбата на комплексот викенд-куќи.
Граѓаните заслужуваат одговор на едно едноставно прашање:
Дали зад политичкото партнерство на ВЛЕН се крие и приватно, односно деловно партнерство?“











