Деловниот магазин „Forbes“ проценува дека американската поп-суперѕвезда Тејлор Свифт станала најбогатата музичарка во историјата со богатство од две милијарди долари, што претставува зголемување од 100 проценти во однос на 2024 година.
„Forbes“ ја нарече Свифт една од комерцијално најуспешните текстописци на сите времиња. Таа стекна статус на милијардерка во 2024 година благодарение на турнејата „Eras“.
Свифт во 2020 година ја промени музичката индустрија кога повторно го сними најголемиот дел од својата дискографија. Како резултат на тоа, тантиемите се слеаја во нејзиниот џеб.

„Forbes“ исто така објави дека нејзината турнеја станала најуспешната концертна турнеја во историјата со приходи од 2,2 милијарди долари. Со тие пари таа ги откупила своите оригинални мастер-снимки, наведува магазинот.
На почетокот на кариерата, Свифт потпишала договор со издавачката куќа „Big Machine“ и таму ги снимила своите први шест албуми. Како што е вообичаено, правата ѝ припаѓале на таа издавачка куќа, која во 2019 година ги продала за повеќе од 300 милиони долари на холдинг-компанијата на поранешниот музички менаџер Скутер Браун.
Свифт изјавила дека тоа се случило без консултации или нејзино одобрение.

Потоа следувал повеќегодишен јавен спор, за кој Свифт често зборувала и во своите песни. Браун во 2020 година ги продал правата, овој пат на инвестициската фирма „Shamrock Capital“ во Лос Анџелес, од која Свифт сега ги стекнала.
Свифт во 2025 година објави дека ги купила правата на своите први шест албуми.
Листата на милијардери на „Forbes“ главно се темели на јавно достапни информации за имот како што се акции, недвижности, уметнички дела и други луксузни добра.